Дали не чека повторно затворање дома?!

Дополнителна мерка во справувањето со пандемијата на ковид-19 би била рестрикцијата во движењето, тоа е единственото нешто што дополнително би можело да се воведе, но засега нема никаква препорака за враќање оваа рестрикција. Ова вчера го посочи министерот за здравство Венко Филипче, но предупреди дека есенските месеци би можеле да бидат многу поголем предизвик за здравствениот систем и од првиот и од вториот бран на ковид-19.

721

Дополнителна мерка во справувањето со пандемијата на ковид-19 би била рестрикцијата во движењето, тоа е единственото нешто што дополнително би можело да се воведе, но засега нема никаква препорака за враќање оваа рестрикција. Ова вчера го посочи министерот за здравство Венко Филипче, но предупреди дека есенските месеци би можеле да бидат многу поголем предизвик за здравствениот систем и од првиот и од вториот бран на ковид-19. Пред нас имаме летни месеци. Изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти. Но, доаѓаат и есенските месеци, кога времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со останатиот број пациенти, поради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку секаде“, рече Филипче.

СЗО предупреди дека за прв пат во последните неколку месеци во Европа има зголемување на бројот на заболени од коронавирус на неделна основа. Во 11 земји „забрзаниот пренос“ предизвика значителен пораст, кој доколку се остави без надзор, ќе ги врати здравствените системи во Европа на работ, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, јавува Би-Би-Си.

Списокот на СЗО ги вклучува и Албанија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Казахстан, Киргистан,  Косово, Молдавија, Шведска и Украина.

Советникот на регионалниот директор на СЗО за Европа, Фабио Скано кој е во тридневна посета на земјава, истакна дека зголемувањето на бројот на заразени е загрижувачко, а поуката што треба да ја извлечеме е дека сè до моментот на пронаоѓање на делотворна вакцина не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме гардот.

-Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците што претстојат ќе бидат критично важни за да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи, изјави Скано.

Според него, зголемениот број на случаи со ковид-19 е нешто што може да се изменаџира, пред сè со почитување на мерките за заштита, но и воведување на таргетирани мерки на контрола, меѓу кои го посочи подоброто менаџирање на масовните собирања. По средбите со сите инволвирани во справувањето со епидемијата тој препорача внимателно да се постапува при олабавувањето на мерките за заштита.

-Сега не е време за олабавување на мерките, односно спуштање на гардот. Сосема спротивно, треба да се прошири она што досега беше добро сработено во делот на идентификување и изолирање на сомнителни случаи, нивно тестирање, изолирање на болните, неуморно трагање по контактите и нивно ставање во карантин. Ако не го направиме тоа резултатот може да биде една експлозивна ситуација која ќе бара воведување на драматични мерки и која многу пожестоко ќе и наштети на економијата, порача Скано.

Меѓу олабавените мерки е и отворањето на границите без контрола за коронавирус, за која Скано рече дека е тешка одлука донесена од повеќе земји и оти не може на неа да се гледа црно-бело. Според него, таа треба да се балансира преку рана идентификација на новите случи за да се спречи експлозивно ширење на заразата. Амбасадорите на ЕУ се состануваат оваа недела на разговори околу повторното отворање на надворешните граници од 1 јули. Еден од критериумите што земјите членки го разгледуваат е да дозволат патување само на патници од одредени земји, меѓу кои земји нема да се најдат земји со висока стапка на инфекција, вклучително и САД, Русија и Бразил.

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат и да го искористат своето влијание во заедницата во борбата со коронавирусот. Во таа насока, се иницира заедничка средба на претставниците на владата, невладините организации и верските заедници.Тој вчераутро се сретна со новиот реис на ИВЗ Шаќир Фетаху.