Дали не очекува карантинска есен?

Есенските месеци со поладно време, неможноста граѓаните да чекаат ред надвор, е дополнителен ризик. Впрочем и денес, некои земји, кои оценуваат дека имаат ненадеен раст на кривата, овие мерки ги применуваат. Значи карантинот како опција за заштита од наплив на нови позитивни, а со тоа и оптоварување на здравствениот систем е варијанта која е возможна. Повторно сè ќе зависи од нас. Колку ќе се придржуваме до мерките, изјави Филипче

109

Не е исклучено наесен да се воведат нови рестриктивни мерки како ограничување на движењето, нешто што го имавме во текот на пролетта, по почнувањето на оваа пандемиска криза, најави првиот човек на македонското здравство, Венко Филипче, на прес-конференцијата во понеделникот. Тој истакна дека есента е оценета како крајно неповолен период за оваа пандемија, не само од нас туку тоа ни го укажаа и претставниците на СЗО. Со почетокот на поладните денови и школската година, ќе дојде до поинтензивни контакти во затворен простор и тука е ризикот, потенцира Филипче. Според него, мора да бидеме свесни апсолутно сите, дека ако не се придржуваме до мерките и има зголемена трансмисија на вирусот и поголем број пациенти, повторно ќе се воведат рестриктивните мерки.

-Есенските месеци лично сметам дека ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата со тоа што отворање на градинки, училишта и повторно поголема комуникација меѓу младите луѓе е дополнителен ризик и затоа и се овие подготовки, на дополнителни кревети, надвор од сегашните болнички капацитети. Таа повторна фреквенција на дружење на младите во школите и во градинките. Есенските месеци со поладно време, неможноста граѓаните да чекаат ред надвор, е се дополнителен ризик. Впрочем и денес, некои земји, кои оценуваат дека имаат ненадеен раст на кривата, овие мерки ги применуваат. Значи карантинот како опција за заштита од наплив на нови позитивни, а со тоа и оптоварување на здравствениот систем е варијанта која е возможна. Повторно сè ќе зависи од нас. Колку ќе се придржуваме до мерките, изјави Филипче.

Тој додаде дека во изминатиот период целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците биле посветени на менаџирање на капацитетите и ресурсите и организацијата на системот на ротација.

– Работиме на подготовка на капацитетите за есенскиот период. Во следниот период ќе имаме целосно подготвен план за тоа кои би биле дополнителни кревети кои би се користеле за сместување пациенти ако се наметне потреба во есенските месеци со план за ротација на медицински персонал. Има неколку студентски домови во Охрид, Битола, каде може да се сместуваат пациенти, но е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование и како тие капацитети ќе бидат исполнети со студенти, рече Филипче.

Загриженост постои и од зголемувањето на бројот на новозаразени со ковид-19 во соседните земји. Поради тоа, можно е да се воведат одредени мерки за влез во нашата држава, доколку се утврди дека постои ризик за нашиот здравствен систем.

Комисијата за заразни болести веќе разговарала за зголемениот број на заразени во соседството. За време на изминатиот викенд немало индикација за поголема опасност од влезот на граѓаните од соседните земји, но се чекаат информации од повеќе центри за јавно здравје од градовите од Косово и од Србија. Врз основа на добиените податоци, деновиве ќе се одлучува дали ќе се преземат мерки на границите.

Поради епидемијата во Грција и со цел да се заштитат патниците и граѓаните од пандемијата на ковид-19, Грција забрани влез на српски државјани заклучно со 15 јули. За 24 часа во Грција беа регистрирани 43 нови случаи на ковид-19, од кои 85 отсто, односно 36 се туристи кои влегле во земјата, соопшти Националната организација за јавно здравје на Грција. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, сите 36 позитивни случаи се од тестовите направени на граничниот премин Промахонас (Кулата) на границата со Бугарија, а 20 од нив се српски туристи.