Дали Мајкл Китон повторно ќе го облече костумот на Бетмен?

112

Претходно оваа недела беше објавено дека актерот Мајкл Китон повторно ќе го облече костумот на Бетмен и дека можеби повторно ќе го игра ликот на Брус Вејн. Поточно Китон започнал преговори и би можел пак да го игра Бетмен, но во новиот филм „Флеш“ (The Flash) најавен за 2022 година, а поддржан од компаниите Ворнер Брос и ДиСи комикс (DC), напиша „Hollywood Reporter“.

Овој искусен актер и познат комичар засега е само во преговори за филмот „Флеш“ во кој Езра Милер ќе ја повтори насловната улога во овој филм како Бери Ален. Езра Милер го направи своето деби како Флеш во филмот „Лига на правдата“ (Justice League) во кој Бен Афлек го играше Бетмен. Со оглед на возраста на Китон, единствено објаснување е дека дел од дејството на филмот ќе биде патување низ времето… Но повеќе информации околу преговорите на Китон се очекуваат во август.

Меѓутоа, Китон би можел да го игра Бетмен и во други филмски проекти, исто така. Она што е особено интересно всушност е дека ако договорот успее, за Китон ова можеби нема да биде единственото облекување на славниот црн костум, со оглед на тоа дека се планираат серија филмови „Световите на ДиСи“ (Worlds of DC).

Како што е познато, Китон претходно го играше Бетмен во 90-тите години во филмовите на Тим Бартон. Тој последен пат го носеше костумот на лилјак во 1992 година во филмот „Бетмен се враќа“ (Batman Returns), па ќе биде интересно да го видиме повторно во улогата на овој херој.

Од друга страна, пак, Роберт Патисон работи на филмот „Бетмен“ во режија на Мет Ривс. Неговата верзија на херојот ќе биде помлада од онаа на Афлек.

Што се однесува до филмот, пак, поради пандемијата предизивикана од коронавирусот, како и многу други остварувања и „Флеш“ имал проблеми. Се шпекулираше дека овој проект е сериозно погоден од сегашната епидемиолошка ситуација, но продуцентката Барбара Мусчиети открила дека филмот дефинитивно оди напред.