Во насока на проверка на овие индиции, јавниот обвинител дополнително издал наредба за токсиколошки испитувања и за анализа на биолошки материјал, како и наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото лице.

 

– Основното јавно обвинителство Гостивар постапува за утврдување на причините за смртта на 13-годишно девојче од Гостивар, чие безживотно тело беше пронајдено во нејзиниот дом на 25 ноември. Иако првичните сознанија непосредно по настанот упатуваа дека се работи за случај на самоубиство, сепак поради определени индиции, истрагата продолжува со испитување на мотивите кои биле причина за смртта.

Како што соопшти Јавното обвинителство, веднаш по настанот, дежурен јавен обвинител извршил увид на лице место и издал наредба за обдукција на телото на починатото девојче. При обдукцијата првично беше констатирано дека починатата на себе има и други повреди кои би можеле да упатуваат на нејзина припадност кон секта.

Во насока на проверка на овие индиции, јавниот обвинител дополнително издал наредба за токсиколошки испитувања и за анализа на биолошки материјал, како и наредба за вештачење на телефонот и на комуникацијата преку социјални мрежи на починатото лице.

Дополнително, Основното јавно обвинителство Гостивар побара од МВР да изврши проверки и споредба со евентуално слични случаи во државата или надвор од неа, како и да изврши разговори со семејството, пријателите и соучениците на починатата девојка, како и со наставниот кадар во училиштето. Надлежните органи се очекува да проверат дали девојчето е евентуално жртва на морбидната игра за тинејџери “Момо Челенџ“, која досега однесе многу детски животи во светот, но и кај нас. Играта е попопуларна во Македонија, но е сериозна закана по живот на децата, велат психолозите.  

ВЕЧЕР пишуваше за вакви случаи и го пренесе апелот на македонските психолози до родителите да внимаваат какви онлајн игри практикуваат нивните деца, бидејќи се регистрирани и првите случаи на негативно влијание на популарните хорор видеоигри врз детската психа.

– Веќе трето детенце доаѓа кај мене за третман на интензивен генерализиран страв, страв од смрт на родителите, вознемиреност, загриженост, сепарациона анксиозност, опсесивна мисла врзана за ликовите од играта, кошмари и регресивно однесување поради овие игри! Децата кои претходно не се плашеле да спијат сами и се движеле во темница, сега се плашат. Бараат да спијат со своите родители и се во константен страв и исчекување дека од некој агол од куќата ќе бидат нападнати од виртуелните ликови од овие крајно несоодветни хорор игри за детска возраст, изјави пред десетина дена за весникот ВЕЧЕР, Хаџиванова, која е основач на Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација “Неокортекс”.

Вели дека страшните и вознемирувачки ликови јасно се видливи и проектирани во детските цртежи и, за жал, ја нарушуваат детската безгрижност.

– Ова се крајно вознемирувачки хорор игри кои ги гледаат децата и добиваат пораки за остварување на предизвик од типот “Убиј ги своите родители”. Апелирам до сите родители за поголема контрола врз децата и користењето на телефоните, таблетите и Јутјуб, вели психотерапевтката Хаџиванова.

Како што е познато, Момо е слична игра како и „Синиот кит” поради која неколку стотици деца во светот извршија самоубиство. Имено, приказната почнува со контакт со “Момо”, женски лик со застрашувачки изглед, со крупни очи, за која се смета дека е инспирирана од хорор куклата на јапонскиот уметник Мидори Хајаши, кој формално нема никаква врска со играта. Децата откако ќе контактираат со “Момо”, добиваат серија предизвици, а доколку тие одбијат, следи казна и добиваат заканувачки и вознемирувачки телефонски пораки и фотографии. Децата добиваат пораки за остварување на предизвик од типот “Убиј ги своите родители” или се наведуваат на самоубиство.

Играта “Син кит” за која пишуваа странските медиуми е пред сè наменета за помладата популација и според интернет порталите се игра 50-ина дена, период кога на децата им се поставуваат најразлични задачи. На почетокот помалку опасни, како што е на пример гледањето на хорор филмови, за потоа да биде побарано самоповредување, односно цртање на син кит на рацете со остар предмет. Сето тоа завршува со повик на извршување на самоубиство.