Дали и Хрватска стана „богат запад“ за балканските соседи?

559

Минатата година, Хрватска прими повеќе од 100.000 работници од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово. Додека просечната исплатена нето-плата по вработен во Хрватска во ноември минатата година изнесувала 1.038 евра, според податоците на Националното биро за статистика, таа во исто време била значително помала во соседните земји.

Од друга страна, ако се спореди со другите земји од Европската унија, Хрватска пред една година беше на самото дно на листата на просечни примања во Унијата со просечна месечна плата од 935,44 евра. Зад неа се само Унгарија, Романија, Полска, Грција и Словачка, покажуваат податоците на Евростат.

Просечната нето-годишна плата за вработените кои работеле со полно работно време во Европската унија во 2021 година изнесувала 33.500 евра, што е многу повеќе од 11.225 евра што просечниот работник може да ги заработи во Хрватска за една година, покажуваат пресметките на Еуростат. На самиот врв на највисоките просечни плати во ЕУ за 2021 година се најде Луксембург со 72.200 евра годишно.

Зошто Хрватска е привлечна за балканските работници?

Според пресметките на агенцијата PickJobs, Хрватска во 2022 година ја надминала бројката од 100.000 работни дозволи за странски работници. Повеќето од нив се работници од соседните Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и Косово. Најмногу ги има  работниците во туризмот и угостителството и работниците во градежништвото.

Од независноста во 1991 година, поранешната југословенска република мина низ тежок период на војна, како и транзиција од социјализам во парламентарна демократија обележана со корупција, непотизам, лоша приватизација… Сепак, и покрај сите тешкотии, успеа да постигне сите нејзини надворешнополитички цели: од 2009 година е членка на НАТО, најголемата воена алијанса во светот, членка е на Европската унија од 2013 година, а од 1 јануари 2023 година е членка на Шенген и на еврозоната.