Дали знаете дека “Марш во рондо“ е евровизиска химна?!

132

Веќе 60 и кусур години го следиме Евровизискиот музички фестивал, а убедени сме дека многу луѓе, но и самите учесници, појма немаат од каде потекнува убавата мелодија со која се отвора и затвора оваа манифестација. Тешко дека знае и нашата Тамара за ова. Мелодијата потекнува од 17 век, а напишана е поради победата на една европска војска над друга. Во седумнаесеттиот век, барокниот композитор Марк-Антоан Шарпентие напишал грандиозен полифоничен мотет – вокална композиција во неколку дела, и со зборови. Тој се состоел од шест дела, но од нив денес се сочувани само четири. Оној што го слушаме на почетокот на секоја Евровизија е првиот „Марш во рондо“. Свечената композиција била изведена во знак на прославата на француската победа во битката кај Стенкерки, покрај Брисел, од август 1692, дел од некоја си нивна деветгодишна војна, во која Французите ја поразиле заедничката војска на Англија, Шкотска, Холандија и Германија. Што е парадокс, бидејќи Евровизија треба да ја слави слогата на државите. Аранжманот на композицијата која ја слушаме на почетокот на секој натпревар е на Гај Ламберт, француски органист од 20 век. Се користи од првата Евровизија во Лугано, Швајцарија, одржана на 24 мај 1956 година. Така беше и оваа година во ТВ-преносот од Израел.