Дали за изградба на улица ќе се урне дел од СЦ „Борис Трајковски“?

5446

Улица која треба да се пробие кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги вознемири граѓаните, посебно на Карпош. До нив стигнала информација дека за да се реализира улицата ќе треба да се урне дел од СЦ „Борис Трајковски“ и дека тоа, наводно, било предвидено со Нацрт деталниот урбанистички план за Градска четврт 3 04, блок 5, кој е во фаза на донесување. 

Градоначалникот Стефан Богоев демантира дека спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се урива заради изградба на сообраќајница. – Целосна лага е информацијата дека ќе се урива спортскиот центар. Нема да има уривање на ниту еден дел од спортскиот комплекс и тоа лесно може да се провери, тврди градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев

Улица која треба да се пробие кај спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги вознемири граѓаните, посебно на Карпош. До нив стигнала информација дека за да се реализира улицата ќе треба да се урне дел од СЦ „Борис Трајковски“ и дека тоа, наводно, било предвидено со Нацрт деталниот урбанистички план за Градска четврт 3 04, блок 5, кој е во фаза на донесување.

За да не се случи тоа, граѓани се организирале во фејсбук-групата „Заштита на спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде го искажуваат својот револт од таквата постапка на локалната самоуправа и велат дека активно ќе се вклучат во јавната презентација на нацрт-планот која е закажана за 20 август во 13 часот. Тогаш тие ќе предложат покреативно решение, со цел спортскиот центар што постои да се зачува за генерациите што доаѓаат.

Од групата наведуваат дека со нацрт-планот е предвидено за градење на новата сообраќајница да се урнат 10 илјади квадратни метри од објектот, при што ќе се направи штета од неколку милиони евра.

Тие бараат од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев да и објасни на јавноста, зошто е изгласана сообраќајницата да биде токму на тоа место и дали е увидено дека таа сообраќајница предизвикува огромна штета врз државниот имот. Па, прашуваат зошто ќе се урива огромен дел од центарот изграден со парите на народот?

– Општина Карпош изгласа уривање на огромен дел од центарот (на културен и префриган начин преку намерно ставање на сообраќајница низ центарот. Се знаат и причините за таа ваша генијално-креативна одлука – потенцираат од фејсбук-групата.

Градоначалникот Стефан Богоев демантира дека спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се урива заради изградба на сообраќајница.

– Целосна лага е информацијата дека ќе се урива спортскиот центар „Борис Трајковски“ која се споделува преку фејсбук-страницата „Заштита на спортскиот центар Борис Трајковски”. Нема да има уривање на ниту еден дел од спортскиот комплекс и тоа лесно може да се провери – тврди Богоев.

Тој објаснува дека во постапка е донесување на детален урбанистички план за тој дел, но оти тој воопшто не предвидува никакво уривање, туку изведба на сообраќајници и инфраструктура за поврзување на потегот.

– Општина Карпош е отворена за комуникација со сите граѓани и медиуми. Секоја вест треба да е аргументирана и базирана на реални факти – нагласи Богоев и ги повика и политичките партии и чинители на локално ниво, да не шират лажни вести меѓу граѓаните, истакнувајќи дека предизборниот период не смее да биде мотив за експанзија на лаги и политички злоупотреби.

Од Општина Карпош дополнително информираа дека на последната 58. седница на Советот на општина Карпош била усвоена предлог-одлуката за утврдување на нацрт Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04, блок 5.

– Тоа значи дека ДУП-от не е изгласан, бидејќи се носи во две фази. Сега беше првата фаза на разгледување пред советниците од Карпош, по што, од 5 август до 6 септември 2021 година, секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот планот е изложен на јавна анкета, додека јавната презентација за заинтересираните правни и физички лица ќе се одржи на 20 август во 13 часот – нагласуваат од Карпош.

Оттаму потенцираат дека ќе се задржи постојната состојба на објектот.

– Со ГУП на Град Скопје, врз основа на кој се носи и ДУП-от З 04, блок 5, се предвидува изградба на улица – сообраќајница, која ќе поминува кај картинг-просторот и во близина на тениските терени. Имено, картинг-просторот е дел кој е дивоградба, за кој постои решение за отстранување. Значи, сообраќајницата воопшто не задира во ниту еден дел од спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ -потенцираат од локалната самоуправа.

Додаваат дека ДУП-от З 04, блок 5 е изработен во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022) и Регулацискиот план за ГУП на Град Скопје, З 04 (2019-2022 година), одлука бр. 27 – 974/1 од 29.01.2020 година и дека на јавната презентација планерите детално ќе објаснат што сè предвидува планот.

(А.П.)