Дали заврши сапуницата околу Санчо?!

133

Ако им се верува на германските медиуми, тогаш можеме слободно да кажеме дека заврши сапуницата околу клупската иднина на англискиот интернационалец Џејдон Санчо. Спортскиот директор на Борусија од Дортмунд, Михаел Цорк потврди дека крилниот напаѓач и во новата клупска сезона ќе престојува на „Сигнал Идуна Парк“ затоа што има договор со „милионерите“ до 2023 година.

  • Ние правиме планови заедно со Санчо. Тој ќе игра за нас и во новата сезона. Одлуката е конечна. Мислам дека тоа е одговор на сите ваши прашања, изјави Цорк.

Санчо со месеци важи за најголема трансфер желба на најтрофејниот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед. Сепак, двата клуба не најдоа заеднички јазик околу обештетувањето.  Борусија сакаше 120 милиони евра за него, а „црвените ѓаволи“ не беа подготвени да понудат повеќе од 80 мил. евра.

Пред неколку дена, челниците на Борусија испратија јасна порака дека репрезентативецот на Англија ќе биде достапен за Јунајтед најкасно до 10 август и доколку до тој датум не биде постигнат договор за обештетувањето Санчо ќе остане во Дортмунд.

  • Минатото лето, ја прилагодивме платата на Џејден за да одговара на неговите перформанси. Во овој контекст, тој го продолжи договорот до 2023 година, додаде Цорк.

Според англиските медиуми, новиот договор на Санчо е за 190.000 фунти неделно плус бонуси, но истите медиуми се убедени дека сагата околу неговата преселба на „Олд Трафорд“ е далеку од готова затоа што е потребен само еден телефонски повик за да двата клуба повторно седнат на преговарачката маса.