Највисоките партиски тела на Алтернатива ќе заседаваат во вторник и ќе донесат одлука за натамошното позиционирање на партијата, дали ќе биде дел од Владата или ќе се приклучи кон опозицијата. Мислењата на членството се поделени. Едни се за приклучување кон власта, други да се продолжи соработката со Алијанса на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, така што каква и да се донесе одлука , ќе предизвика турбуленции во партијата и пошироко на политичката сцена во земјава. Пред само една недела сите четири пратеници се потпишаа на иницијативата да се урне владата, а сега треба да одлучат дали ќе бидат дел од таа влада. Но, доколку Алтернатива одлучи да остане во опозиција тогаш распоредот на силите во Собранието би бил 60-60, а ваква ситуација ќе води кон малцинска Влада и предвремени парламентарни избори. По најавата на актуелниот премиер Заев дека во вторник ќе ги свика највисоките партиски тела за да ја достави оставката, се очекува да започнат и процедурите за избор на нов партиски лидер, а со тоа и нов мандатар… Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  Мицкоски денеска во Охрид  изјави дека  не очекува премиерот и лидер на СДСМ,  Заев, да поднесе оставка на функцијата, затоа што како што рече, Заев многупати во минатото не го исполнил тоа што го рекол.

 

 

Највисоките партиски тела на Алтернатива ќе заседаваат во вторник и ќе донесат одлука за натамошното позиционирање на партијата, дали ќе биде дел од Владата или ќе се приклучи кон опозицијата. Мислењата на членството се поделени. Едни се за приклучување кон власта, други да се продолжи соработката со Алијанса на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, така што каква и да се донесе одлука , ќе предизвика турбуленции во партијата и пошироко на политичката сцена во земјава. Пред само една недела сите четири пратеници се потпишаа на иницијативата да се урне владата, а сега треба да одлучат дали ќе бидат дел од таа влада. Но, доколку Алтернатива одлучи да остане во опозиција тогаш распоредот на силите во Собранието би бил 60-60, а ваква ситуација ќе води кон малцинска Влада и предвремени парламентарни избори.

Лидерот на партијата Африм Гаши треба да ја одбере страната која ќе има подобри аргументи за излез од политичката криза. ВМРО-ДПМНЕ им порачува добро да размислат кон која страна ќе се приклучат и  изразија жалење доколку од Алтернатива одлучат да им се приклучат кон владејачката коалиција. -Ако Алтернатива мисли дека треба да биди дел од влада на СДСМ и ДУИ и на сето она што тие како багаж го носат со себе, криминал, корупција, сиромаштија, тогаш навистина искрено жалиме, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За  најголемата опозициска партија , најавата и заминувањето на Заев не се доволни за излез од кризата и го повторија ставот  за брзи предвремени парламентарни  избори. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес во Охрид изјави дека не очекува премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да поднесе оставка на функцијата, затоа што како што рече, Заев многупати во минатото не го исполнил тоа што го рекол. Кога станува збор за тоа кој би можел да го наследи Заев од лидерската функција во СДСМ и би бил нов мандатар, Мицкоски рече дека не е негово да се меша во внатрешните работи на противничката партија, оти во СДСМ сами ќе си донесат одлука како понатаму и со кои кадровски решенија.

Додека се очекува преговорите помеѓу Алтернатива и СДСМ да продолжат во текот на следната недела, премиерот Зоран Заев најави дека во вторник ќе го свика Централиот одбор на СДСМ за да му биде потврдена оставката која ја најави по вториот круг од локалните избори. Па така, конечната одлука на Алтернатива ќе му биде позната и на СДСМ истиот ден кога ќе се  одржи седница на Извршниот и Централниот одбор. Власта е убедена дека парламентарното мнозинство ќе се зголеми, а тоа ќе овозможи да се одблокира носењето на голем број закони во Парламентот.

Централниот одбор на СДСМ ќе треба да ја официјализира  оставката на претседателот на партијата Зоран Заев и да ја отпочне процедурата за избор на нов лидер и раководство. Според партискиот статут одлуката за распишување избори ја носи Извршниот одбор најдоцна 15 дена по престанокот на функцијата. Откако ќе се констатира неговата оставка ќе почне да тече рокот од 15 дена, во кои, според партискиот статут, треба да бидат распишани внатрепартиски избори за лидер, кога треба да се одреди и датумот за нивно одржување. Извори од партијата брифираат дека се уште е рано да се зборува за тоа кога би биле спроведени изборите за нов партиски претседател, иако е кратко и времето со оглед на тоа и што ќе треба да се избира нова Влада. Официјално оттаму велат дека првин да се видат одлуките кои што ќе се носат на седницата на Централниот одбор, па потоа ќе се зборува за внатрепартиски избори.

Лидерот се бира на непосредни избори, со тајно гласање на сите пријавени членови. До конечноста на изборот, Заев останува лидер. Тој по средбата со Гаши, во петокот попладне,  рече дека „зборот е збор“ и неговото змаинување е конечно. Посакува новиот лидер на СДСМ да биде и претседател на Владата. Поради роковите, не верува дека до 14 декември ќе се избере нова Влада. Премиерот треба да го извести Собранието, дека си поднесува оставка, по што паѓа цела Влада и почнува да тече редовна процедура за избор на нова Влада. За старт на новите министерски мандати, на СДСМ ќе му треба поддршка од 61 пратеник.

Но, кој ќе го наследи Заев?  Во јавноста се погласно се шпекулира со името на  Димитар Ковачевски, а оваа вест не е ниту демантирана  ниту пак потврдена.  Ковачевски е актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ.  Освен што е близок соработник на Заев, со кого заедно студирале на економскиот факултет, тој бил дел од ИО на СДСМ и во времето на Бранко Црвенковски. Неговиот татко, Слободан Ковачевски, пак, е поранешен градоначалник на Куманово и македонски амбасадор во Црна Гора.

Одлуката, вели Заев, ќе се донесе на внатрепартиски избори, но и негов став е дека партискиот претседател треба да биде и иден  премиер.

Инаку, според најавите, декември ќе биде месец резервиран за конгреси на двете најголеми политички партии од македонскиот блок- конгрес на СДСМ кој веројатно ќе се одржи пред  крајот на годинава и на ВМРО-ДПМНЕ која веќе закажа  изборен Конгрес  на 12 декември , а на кој се очекува со сигурност  Мицкоски  да ја добие довербата за нов 4 годишен мандат.  (В.М.Б.)