Гутереш шокиран од одлуката на Етиопија

47

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е шокиран од информацијата дека Етиопија прогласи за непожелни седум претставници на Обединетите Нации.

Министерството за надворешни работи на Етиопија денеска соопшти дека седум претставници на Обединетите нации мора да ја напуштат земјата во рок од 72 часа поради мешање во внатрешните работи на земјата.

– Во комуникација сме со етиопската влада и очекуваме дека на службениците на ОН ќе им биде дозволено да продолжат да ја извршуваат својата важна работа, рече портпаролката на ОН, Стефани Трамбл.

Меѓу службениците петмина се од хуманитарна агенција на ОН, еден од Канцеларијата на ОН за човекови права и претставник на УНИЦЕФ во земјата. Во соопштението не се наведуваат детали за нивното наводно мешање.

Соопштението за протерување на службениците на ОН доаѓа во услови на зголемен притисок врз владата на Етиопија поради смртоносната блокада на регионот Тиграј.

Милиони луѓе во Тиграј се потпираат на хуманитарна помош за да преживеат, но хуманитарните работници ги обвинуваат владините сили дека намерно ги прекинале испораките на помош.