Гутереш предупредува на опасноста од глад во Јемен

24

Јемен во моментов е соочен со непосредна опасност од најлошата глад во светот во последните неколку децении, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пренесуваат француските медиуми.

Ова предупредување, на кое му претходеа неколку други предупредувања од ОН во последните неколку недели, доаѓа во време кога САД се подговуваат на списокот на терористички организации да ги додатат и бунтовниците од племето Хути, што дополнително може да ја искомплицира испораката на хуманитарна помош за Јемен.

Ако нема брза акција, можеме да изгубиме милиони животи, истакна Гутереш.

Тој индиректно ја спомена и заканата на САД.

-Ве молам, никој да не презема мерки што можат да ја влошат веќе и онака катастрофалната состојба, рече Гутереш.

Како причина за зголемената закана од глад, генералниот секретар на ОН го наведува „драстичното намалување на координираното финансирање од ОН во споредба со 2018 и 2019 година“, како и нестабилноста на јеменската валута и пречките што завојуваните страни им ги  поставуваат на хуманитарните работници на теренот.

Ги повикувам сите да реагираат што е можно побрзо за да се спречи катастрофа. Во спротивно можеме да очекуваме трагедија не само во загуба на човечки животи, туку и последици што постојано ќе се рефлектираат и во иднина, предупреди тој.

Извор:МИА