Гумирана подлога и нови реквизити за детското игралиште во Карпош 3

281

Гумирана подлога, за поголема безбедност на децата и целосно нови реквизити се поставија на детското игралиште во Карпош 3, на платото кај „Фонтана“.

Од Општина Карпош информираат дека во околниот простор, исто така се санирани и дел од клупите за седење.

-Станува збор за зона, јавен простор, којшто често пати се користи од жителите на Карпош 3. Тука се социјализираат и дружат помладите сограѓани, но и повозрасните, со што се постигнува меѓугенерациски соживот-потенцираат општинските власти.

Тие додаваат дека локалната самоуправа, овој период сериозно го користи за подобрување на состојбата на сите детски игралишта, платоа и маалски паркови.

-Се работи етапно, заради големиот број на вакви зони за рекреација. Од оваа година, почнавме и со постепена замена на подлогите на игралиштата. Поставуваме гумирани подлоги, со што се зголемува безбедноста за најмладите, но и се придонесува за помало загадување и прашина во околниот простор-велат општинските власти.

Во Карпош 3, интензивно се работи и на новиот спортско – рекреативен центар во рамки на училишниот двор на „Лазо Трповски“. На овој начин, покрај платото кај фонтана, граѓаните добиваат и простор за спортски активности (кошарка, фудбал, ракомет, сервис).

Од Општината Карпош апелираат до граѓаните да ја чуваат урбаната опрема и при користењето на овие јавни површини да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19 (да се одржува дистанца, да се носат маски и редовно да се прави дезинфекција).