Гугл-експертите да кажат како починаа 41, 47 и 58-годишни наши сограѓани кога полицискиот час се укинува!?

Брзото укинување на мерките може да ни се врати како бумеранг.Д-р Нико Беќаровски на својот ФБ-профил реагира и вели дека треба да има објаснување за последните бројки на позитивни на коронавирус и починатите лица. Со него се согласува и д-р Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ, кој укажува дека не само што расте бројот на починатите лица туку овие лица не и припаѓаат на возрасната популација која е најзагрозена. И д-р Никола Пановски смета дека новите мерки немаат оправдување, не требаше да се укине полицискиот час, според него само требаше да се скрати и да почнува од 21 или 22 часот.

688

Дел од македонските лекари  негодуваат околу одлуките на Комисијата за заразни болести да  се олабават мерките кога бројот на заразени расте, расте бројот на активни пациенти, но расте и бројот на починати кој достигна 119. Загрижен за овие состојби е и д-р Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари –АСМЛ кој укажува дека не само што расте бројот на починатите лица туку овие лица  не ѝ припаѓаат на возрасната популација која е најзагрозена.

Тој на својот ФБ-профил напиша дека треба да бидеме загрижени бидејќи последните три смрти случаи се  пациенти кои биле на возраст од 41 година, 47 години и 58 години. Според него треба да се земе и предвид дека просечно дневно имаме по 25 новозаболени лица.

Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија , исто така, на својот ФБ-профил реагира  и вели дека треба да има објаснување за последните бројки на позитивни на коронавирус и починатите лица.

-Од „безопасно измислено грипче” денес починаа 41,47 и 58-годишни наши сограѓани – вели д-р Беќаровски и додава дека чека објаснување од Гугл- експертите.

По бројот на лицата што ја имаат изгубено битката со коранавирусот, Македонија е прва во регионот со  59 починати лица на милион жители. Како  што анализирира  worldometers.info  на пример во Словенија на милион жители се починати 52 лица, во Србија 27, во Хрватска 25, во Босна и Херцеговина 45, Албанија 11, Грција 17, Црна Гора 14 и Бугарија 19 лица.

Слична е и ситуацијата со бројот на заболени на милион жители која во Македонија е 1.020 лица, а по нас е само Србија со 1.284 заразени на милион жители. Во останатите држави од регионот бројките се помали и се движат во Албанија 365 позитивни на ковид-19 на милион жители, во Турција се 277, во Словенија -708, во Хрватска – 546, во Црна Гора – 516, Бугарија 354 и Босна и Херцеговина 736.Според  worldometers.info во Македонија се направени и најмалку тестирања на милион жители  кои изнесува 13.231 а по нас се само Албанија и Бугарија. За споредба Словенија, која има ист број на население, се направени 37.494 тестирања.

Министерот за здравство, Венко Филипче деновиве  негираше дека Македонија има највисока стапка на смртност од корона вирус во регионот. Според неговото објаснување  Македонија ги брои и лицата на кои вирусот им бил детектиран посмртно, додека другите земји тоа не го правеле.

-Ние сме земја со пониска стапка на смртност и од Грција и од Словенија. Ние земаме брисеви и постмортум, односно доколку некој бил суспектен, тестираме и тие лица ги внесуваме со статистиката. Голем дел од вкупната бројка на починати се вакви случаи. Другите земји ова не го прават, вели Филипче.

Доктор Никола Пановски, кој гостуваше во отвореното студио на ТВ 24, укажа дека укинување на полициски час на цела територија е признавање на пораз и смета дека треба да се преземат конкретни мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде што има жаришта.

-За мене е неочекувано од медицински аспект, и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките кога бројот на активни случаи расте, така што меркиве немаат оправување од тој аспект – реагира Пановски  и дополнува дека според него само требало да се скрати полицискиот час и тој да почнувал од 21 и 22 часот.

И за границите смета дека е рано да се отворат од 1 јуни бидејќи никој не би се решил да патува, а од друга страни земјите од регионот сè уште не примаат странци на нивната територија. Тој посочува дека во регионите каде што се шири вирусот требаше да се зајакнат мерките дополнително.

Доктор Пановски укажува пак дека во Сарај според бројот на жители има повеќе заболени отколку на почетокот во Дебар.

-Бројките покажуваат дека во Сарај има 35.000 жители, а заразени се 50 лица –посочува д-р Пановски.

Епидемиологот д-р  Розалинда Исјановска е со став дека олабавувањето на рестрикциите требало да биде постепено и во фази бидејќи целосната слобода што ја имаат сега граѓаните може многу брзо да го врати полицискиот час и карантинот. Исјановска дополнува дека, за жал, во земјава нема дисциплина како што е во Шведска и некои други држави, но затоа апелира кој своите сограѓани да бидат внимателни  и  да се почитуваат заштитните мерки.

(В.Ма.)