ГТЦ лани остварил загуба, ама според раководството тоа било ќар

432

Според објавените финансиски резултати на сајтот на Македонската берза, АД Градски трговски центар, лани остварил вкупни приходи од 234.969.000 денари (3,7 милиони евра) кои се поголеми за 2% во однос на претходната 2021 година, а вкупните трошоци изнесуваат 274.727.000 денари (4,4 милиони евра) кои се за 3% поголеми во однос на претходната 2021 година.

– Остварен е негативен финансиски резултат во бруто износ од 39.758.000. Целта на нашето работење е да оствариме позитивни резултати  во наредниот период за тековната 2023 година со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кој располага нашето друштво – се наведува во образложението приложено кон финансискиот резултат.

Загубата од 637.000 евра, според раководството на АД ГТЦ, всушност, е добивка, а „минусот“ се должи на амортизацијата на објектот што влегува во работењето на трговскиот центар, а станува збор за над 4 милиони денари (околу 64.000 евра).

– Старост на објектот, финансиски така се гледа, како старее објектот, така амортизацијата се зголемува, а добивката, ако ја тргнеме амортизацијата на страна, тогаш ГТЦ е со добивка од 4 милиони денари. Долгови има кон добавувачи, но сето тоа се редовно се сервисира на месечно ниво – објаснуваат од АД ГТЦ.

(С.Бл.)