Грчките медиуми објавија видео од извршителите на убиството на новинарот Карајваз

62

Грчките медиуми објавија видео од безбедносни камери, на кое како што пишуваат, снимени се лицата кои во петокот напладне, со десет куршуми, пред неговиот дом, го убија новинарот Јоргос Карајваз, јави дописничката на МИА од Атина.

Според медиумите, на видеото се две лица на скутер, а облеката и видот на моторот, одговараат на описите на очевидците, додека пак снимени се на помалку од 500 метри од местото на убиството и три до четири минути претходно, а полицијата и понатаму ги прегледува сите безбедносни камери во околината.

Сѐ погласни се сценаријата во Грција дека станува збор за нарачано убиство, а потрагата и истрагата на полицијата се во тек, како за пронаоѓање на сторителите, така и за откривање на нарачателот или нарачателите.

Дел од грчките медиуми анализираат дека Карајваз бил ликвидиран од професионални убијци, кои можеби биле најмени од странство или од балканските земји, а се проверуваат хотелите, ер-би-ен-би становите, компаниите за изнајмување возила, како и аеродромите и копнените гранични премини.

Скутерот со кој се превезуваа двете лица, се уште не е пронајден.

Онлајн изданието на „Катимерини“ пишува дека компјутерот, автомобилот и мобилниот телефон на новинарот веќе се во Дирекцијата за криминолошки истраги на грчката полиција.

Во петокот, кусо по 14 часот, 52-годишниот грчки новинар Јоргос Карајваз беше застрелан пред неговиот дом од две лица, во моментите додека се враќал од работа.

Обдукцијата покажа дека бил убиен со десет куршуми, шест во градите, два во пределот на главата, еден во вратот и еден завршил во дланката.

Во саботата грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се сретна со министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис од кого побара брзо расчистување на случајот и пронаоѓање на сторителите.

За убиството на Карајваз реагираа и од Европската Унија, а ладнокрвната ликвидација на искусниот новинар кој покриваше црна хроника, полиција, криминал и слично и понатаму е една од главните теми во Грција.

Извор: МИА