Новата грчка конзервативна влада вети дека ќе го забрани пушењето во затворени јавни простори, со што ќе се спроведе законот кој стапи на сила во 2008  година, се наведува во електронското изданије на „Катимерини“. Премиерот Кирјакос Мицотакис, кој се декларира како истакнат анти-пушач, се надева дека казните и одлучноста на властите ќе функционираат.

Во минатото,  слични обиди за спроведување на забраната завршија со неуспех. Кампањата ќе се фокусира првенствено на јавните згради, како што се парламентот, министерствата, болниците и училиштата.

Властите планираат да спроведуваат проверки на самото место во јавните згради за да испратат порака за нулта толеранција, а во меѓувреме владата разгледува правни можности со кои ќе се овластат редовните полицајци да вршат ненадејни проверки во баровите, кафулињата и рестораните.

Досега, овие проверки ги вршеле општинската полиција, локалните власти и здравствените инспектори. Во исто време, ќе се воспостави онлајн платформа преку која граѓаните ќе можат полесно да испраќаат жалби, а ќе се активира и телефонска линија за пријавување на прекршоци. Официјалните лица, исто така, планираат да започнат кампања за подигнување на свеста за опасностите од активно и пасивно пушење.