Грчката Влада ги одреди приоритетите во миграциската политика

78

Подобрување на условите во кои живеат мигрантите и бегалците во Грција, заштита на границите, спроведување на догворот ЕУ-Турција, се дел од приоритетите и активностите на грчката Влада за следниот период во однос на политиката за мигрантите и бегалците.

Во премиерската палата, Кирјакос Мицотакис одржа состанок на кој присуствуваа министрите за цивилна заштита, за миграциска политика и за поморство. Претходно, грчкиот премиер оствари средба со комесарот на ЕУ за миграции, Димитрис Аврамопулос.

Како што соопштуваат од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер од надлежните министри побарал во следниот период да се фокусираат на шест точки со тесна соработка и со технича помош од Европската комисија, јави дописничката на МИА од Атина.

Итно подобрување на условите за живот за бегалците и мигрантите во Грција со главна грижа за ранливите групи, а со приоритет заштита на децата без придружба, е првиот приоритет на грчката Влада.

Зајакнување на заштитата на заедничките грчки и европски граници, „особено морските со комплетен план што ќе ја постави европската сила под грчка управа со јасни оперативни правила на дејствување”, е вториот приоритет на Владата, а потоа редефинирање, до крајот на 2019, на „институционалната рамка за доделување азил” со цел процесот да стане побрз, фер и ефективен.

Спроведување на Договорот ЕУ-Турција и обезбедување достоинствени и безбедни услови за живот за бегалците и мигрантите во прифатниот центар на островот Самос се дел од останатите мерки и приоритети на грчката Влада во однос на миграциската политика на земјата.