Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека Атина ќе ја одложи ратификацијата на три меморандуми за соработка меѓу Северна Македонија и Грција во Парламентот, поради „твит“ на премиерот Зоран Заев за време на натпреварот Македонија – Холандија во Амстердам.

Со тоа ратификацијата на меморандумите наместо во јули, ќе се случи во септември.

Зоран Заев на Твитот напиша „македонска фудбалска репрезентација“.

Грција денеска го повика премиерот Заев на целосно почитување на Преспанскиот договор во врска со името на земјата, вклучувајќи ги и меѓународните спортски натпревари.

„Бараме целосно спроведување на Преспанскиот договор и го повикуваме Заев да се воздржи од реториката на поделби, особено во така чувствителна тема како што е фудбалот. Имплементацијата на Договорот во секој поглед е еден од критериумите за пристапување на земјата во Европска Унија“, изјави портпаролката на грчката влада Аристотелија Пелони.