Грција се подготвува: Пожарникари од шест европски земји ќе помагаат во пожарите во текот на летото

31

Со цел непосредна оперативна подготвеност без губење време за транспорт на сили и за размена на знаење во борбата со шумските пожари, оваа година во Грција ќе престојуваат пожарникари од шест европски земји, кои ќе бидат распределени во три грчки градови, а ќе пристигнат порано, пред почетокот на летото и пожарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ова била една од темите за кои се разговарало на состанокот во Министерството за цивилна заштита и климатски промени на Грција во пресрет на летниот период и зголемената опасност од шумски пожари.

Лани, за справување со пожарите Грција доби меѓународна помош со пожарникари од над 20 земји кои пристигнаа во земјата, но откако пожарите беа во тек, па затоа, оваа година, за првпат, пожарникари од Бугарија, Романија, Германија, Франција, Финска и Норвешка ќе пристигнат во Грција, однапред, пред почетокот на летото и ќе бидат распределени во Атина, Лариса и Триполи, а конкретната програма е финансирана од Европската комисија.

На состанокот, Мицотакис бил информиран за подготовките и активностите што се преземаат за заштита од пожари, значително ќе се зголеми копнениот и воздушен надзор на опасните подрачја, со цел да се спречат потпалувања, но и навремено откривање на можни пожари, а во надзорот ќе биде вклучена армијата.