Грција побелена и заледена од снежниот циклон „Барбара“

182

Студениот снежен бран „Барбара“ ја погоди Грција. Обилните снежни врнежи предизвикуваат проблеми во копнениот и поморскиот сообраќај, а во одредени делови од земјата прогласена е вонредна состојба, јавуваат грчките медиуми.

Сообраќајната полиција соопшти дека возачите кои се движат низ целата патна мрежа на префектурата Атика мора да носат синџири за снег или друга опрема што не се лизга. Забрането е движење за тешки товарни возила од над 3,5 тони на неколку автопати. Властите, исто така, забранија движење на камиони и товарни возила и на делници од националниот пат Атина-Солун.

Полицијата денеска напладне забрани сообраќај во предградијата на Атина.

Редовните линии на бродовите се во прекин на пристаништата Пиреја, Рафина и Лаврио поради ветровите со голема брзина кои во делови од морето се регистрирани со брзина од 9 бофори. Силните ветрови принудија да бидат прекинати линии и во Јонското Море.

Најголем дел од проблемите во Централна Грција се регистрирани и на островот Евија и особено во областа на планината Дирфис, каде што е прогласена вонредна состојба.