Грција на чекор пред карантин: Состојбата со новозаразени на Атика -алармантна

269

В петок, премиерот Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и епидемиолози, детално ќе се разгледа ситуацијата со коронавирусот и ќе се одлучи дали треба да се преземат дополнителни мерки за Атика или евентуално да се воведе 15-дневен карантин.

Повеќе од половина од активните случаи на ковид-19 во Грција се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а само во вторникот од 346 ново заразени, 210 беа токму во конкретната периферија во која од понеделникот во сила се дополнителни рестриктивни мерки, кои не е исклучена можноста, во следниот период да станат построги, па дури и да се воведе целосен карантин, јави дописничката на МИА од Атина.

„Владата се обидува да избегне целосен карантин, рече министерот за животна средина и енергија на Грција Костис Хаѕидакис говорејќи за грчката телевизија „Скај“. Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервју за „ЕРТ“ објасни дека локалниот целосен карантин е дел од алатките што стојат на располагање, како што беше случај во изминатиот период во повеќе делови на земјата и не ја исклучи можноста за Атика да се преземат и дополнителни мерки. Додаде дека зголемениот број случаи полека предизвикуваат притисок врз здравствениот систем.

„Според тоа се движиме во две насоки: едната е континуирано да додаваме нови кревети на интензивна нега, а другата, да бараме од сите граѓани да ги спроведуваат мерките“, рече Пецас.

Дополнителна загриженост во Грција, предизвикува и зголемениот број пациенти хоспитализирани на Интензивна нега, а конкретно во Атика, според заменик-министерот за здравство Василис Кондозаманис, од 107 достапни ковид кревети, 62 се веќе искористени. Токму бројот на кревети на Одделите за интензивна нега во областа Атика и нивно дополнително зголемување беа главната тема на состанокот што вчера го одржа министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас.

Според медиумите во Грција, в петок, на редовниот состанок на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и епидемиолози, детално ќе се разгледа ситуацијата со коронавирусот во земјата и ќе се одлучи дали треба да се преземат дополнителни мерки за Атика или евентуално да се воведе 15-дневен карантин.

Меѓу мерките што од понеделникот стапија во сила за областа Атика е и забраната за собири на над девет лица, а со оглед на тоа дека кафулињата, баровите и рестораните затвораат на полноќ, во повеќе делови на Атина младите се собираат во паркови и на локални плоштади, па затоа полицијата, од патролните возила, преку мегафони упатува порака за почитување на ограничувањата. „Не се дозволени собири на над девет лица на плоштади, паркови и други надворешни простори. За прекршувањето на мерката е предвидена казна од 150 евра. Забраната е во сила до недела 4 октомври. Сите да бидеме трпеливи. Следете ги правилата за да се заштити јавното здравје, е пораката што патролните возила на грчката полиција ја емитуваат на грчки, англиски и арапски јазик.