Групна изложба на македонски уметници во амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон

245

Во амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон денеска беше отворена групната изложба Мултикултурна група на уметници на Република Северна Македонија.

На отворањето нa изложбата говореа вршител на должност амбасадорка на Северна Македонија во САД, Мариона Марку и кураторот Виолета Калиќ.

На изложбата се застапени 60 уметници од повеќе генерации со 91 дело изработени во различни техники како акрил, масло на платно, акварел, комбиниран колаж, рециклирани материјали, пастел и графика. Застапени се и такви техники како реди мејд, сајбер сфера и хипер реализам.

-Изложбата има за цел да ги прикаже нашите стремежи за поврзаноста со родот, нашата култура на живеење и обидите да се артикулира заедничкото, изјави за МИА Калиќ, куратор и селекторка на изложбата.

Изложбата во Северна Америка за првпат се отвори во Отава, Канада, по повод Денот на независност на нашата земја, а по излагањето во Вашингтон, планирано е да оди во Њу Џерси, Бостон и уште неколку други американски градови.

-Преку оваа поставка сакаме да ја претставиме Северна Македонија како ризница која акцептира бројни култури и ентитети и е предизвик за артикулација на бојата, пигментот, техниките, медиумите претставени во разни тематики и во разни генерациски рамки, изјави Калиќ.

Изложбата затапува плејада од македонски визуелни уметници кои добиле национални и меѓународни награди и признанија. Некои, покрај тоа што се занимаваат со уметност, се и ректори, професори на факултети за ликовна уметност и училишта, шефови на катедри, декани или антрополози па и правници.

Мирко Вуисиќ, шеф на Катедра за графичка уметност при Факултетот за ликовни уметности, Зоран Јакимовски, Јана Манева-Чуповска и Стефанов се од факултетот ФОН, додека Лидија Вуисиќ е од Училиштето за применета уметност. Претставени се  и доктори на науки, како Дита Старова, директор на Националната галерија, но и многу други уметници и фотографи како нашиот голем меѓународен визуелен уметник Влахо Бранѓолица, укажа Калиќ.

Во изложбата, се уште застапени и уметниците Мирослав Масин, Вангел Срнаков, Бурхан Ахмети, Зоран Јакимовски, Симона Јакимовска, Тони Шулајковски и други. Многумина од нив се со постојано место на живеење во други земји како Франција, Шведска или Германија.

Изложбата е организирана од Домот на културата „Кочо Рацин” од Скопје, а финансирана од Градот Скопје и од Министерството за култура на Република Северна Македонија со поддршка и од Министерството за надворешни работи и амбасадите на Северна Македонија во Отава и во Вашингтон.