Гробот на Тоше конечно ќе биде изграден до пролет

733

„До 10 февруари треба да завршат армирано-бетонските работи, а потоа ќе почнеме и со занаетчиските и сè останато. Последна фаза е обложување со мермер, но тоа ќе зависи од временските услови. Рокот е до крајот на мај, но според моите претпоставки, како објект би го завршиле до крајот на април“, вели за весникот „Вечер“ инженерот Зоран Манев од изведувачот „Енергоинвест“

Вечното почивалиште на нашата музичка икона, Тоше Проески во Крушево, би требало целосно да биде завршено до пролет, поточно до крајот на март. Од Општината како и од ангажираната фирма „Енергоинвест“, за весникот “Вечер“ велат дека градежните работи се во полн ек.

„По 12 години конечно во Крушево ќе биде изграден вечниот дом на Тоше Тодор Проески. Очекуваме градежните работи напролет да бидат целосно завршени. Издејствувавме да се донесе одлука за пренамена на средствата директно на општина Крушево за да можеме да располагаме со нив и да нема прекини во работата. Средствата беа одобрени и очекуваме до март, најдоцна во април спомен-обележјето да биде готово. Се работи за вкупно 10 милиони денари (150 илјади евра) за оваа намена. Овие средства се доволни за да ги завршиме работите во предвидениот рок“, вели Томе Христовски. градоначалникот на Крушево.

Ова за весникот ВЕЧЕР вчера го потврдија и од градежната фирма „Енергоинвест“, која веќе два месеца работи на уредувањето на вечното почивалиште на нашата прерано почината музичка ѕвезда.

“До 10 февруари треба да завршат армирано-бетонските, а потоа ќе започнеме и со занаетчиските работи, ставање на врати, прозорци и се останато. Последна фаза е обложување со мермер, но тоа ќе зависи од временските услови. Треба да имаме убаво време за да не се одлепи мермерот. Рокот е до крајот на мај, но според моите претпоставки, како објект би го завршиле до крајот на април“, вели инженерот Зоран Манев од изведувачот „Енергоинвест“.

Автор на идејното решение е Жарко Чаушевски, а според него новото гробно место на Тоше Проески ќе биде достоинствено и ќе личи на почивалиштата на светските музички ѕвезди, од еден Елвис Присли до Оливер Драгојевиќ, чии песни и самиот Тоше ги пееше.

„Идејното решение отсликува една физичка позиција на Тоше, а тоа е онаа во позиција на молитва, но не таканаречена класична позиција за молење со споени раце туку, како на повеќето негови  фотографии, рацете се малку разделени и не се во идентична насока и форма и од сите страни кога се гледа се илустрира токму таа препознатлива стоечка положба на Тоше, уникатна позиција при молитва на пејачот“, објаснија од општината Крушево за весникот „Вечер“. Самиот објект над гробното место го прикажува светото тројство и градацијата во патувањето на душата.

Инаку, Тоше Проески трагично го загуби животот на 26 години, во сообраќајната несреќа што се случи кај Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година.

Инаку, Крушево се подготвува за одбележување на уште еден роденден на Тоше Проески. Пригодната програма во спомен-куќата „Тодор Проески“, на 25 јануари и годинава ќе биде во знакот на реченицата: „Тоше има само ден на раѓање“. Во рамки на програмата овој ден ќе се одржат неколку ликовни изложби во спомен куќата, а во официјалната програма ќе настапува „Уникат бенд“ и Сара Ристеска придружена од Габриела Аврамоска. Свои точки во спомен на Тоше ќе имаат и СОУ „Наум Наумовски Борче“ и ООУ „Никола Карев“.

На одбележувањето на денот на раѓање на Тоше Проески ќе се обратат и претседателот на Советот на општина Крушево, Тома Петроски и директорката на спомен куќата „Тодор Проески“, Елена Мирчевска кои и со полагање на цвеќе ќе оддадат почит за пејачот и граѓанин на Крушево. (Д.Т.)