Блејк Грифин е далеку од посакуваната форма веќе некое време, но овој пат, тој се откажа од 13.3 милиони долари за да го раскине договорот со Детроит, односно да стане слободен играч и да потпише за еден од претендентите за титулата – тимот на Бруклин.

Пистонси неодамна објавија дека повеќе не сметаат на Грифин, го ставија на располагање за трејд и најавија дека ќе го раскинат договорот со крилниот центар доколку не најдат соодветна замена  до крајниот рок за трансфер кој истекува на 25 март.

Сепак, поради огромниот договор за следната сезона, Грифин не покажа никаков интерес од преостанатите 29 клуба, па двете страни се решија за овој вид на разделба три недели пред крајниот рок.

За следната сезона тој имаше опција во договорот што му носи дури 38.9 милиони долари, но реши да ја прекине соработката.

По бројните повреди и операции, Грифин не е ни во сенка на поранешниот шампион во забивање кој ги воодушеви Лос Анџелес Клиперс со својата атлетска и летачки способност, постигнувајќи 21.6 поени со 9.3 скока во текот на осумте сезони минати во тимот, а воедно во тоа време беше дел и од Ол-стар викендот дури шест пати.

Последните две сезони, Грифин имаше најлош просек во кариерата во скоро сите категории, а оваа година на 20 натпревари постигнуваше во просек по 12.3 поени и 5.2 скока.

Со раскинувањето на неговиот договор со Детроит, Грифин ќе стане слободен играч и ќе добие „само“ 25.6 милиони од Бруклин, како што пишуваат американските медиуми. Со тоа тој ќе се придружи на тимот кој е претендент за титулата во НБА-лигата, за која настапуваат Кевин Дурант, Џејмс Харден и Кари Ирвинг.