Граѓанските организации дадоа посебен придонес во борбата со Ковид-19, остануваат силен партнер на Владата

23

Со креативни работилници и над триесет настани денеска во градскиот парк во Скопје по повод „Денот на граѓанските организации“ организиран од Цивика мобилис, посетителите имаа можност да се информираат токму за овие граѓански организации и нивните активности, да артикулираат идеи и да планираат заеднички општествени акции.

Програма на фестивалот е разновидна, а годинава е во насока на придонесот што граѓанските организации го дадоа во борбата со Ковид-19

Фестивалот се поклопува со Светскиот ден за борба против сиромаштијата, па затоа неколку организации организираат и собирање на прехрамбени артикли и облека кои ќе бидат донирани.

 

Животната средина и климатските промении овој пат ќе бидат застапени преку презентации и квизови, а дел од организациите, своите настани ќе ги посветат на здравјетопреку презентација за самопреглед на дојка, тестирање за ХИВ, до активности за заштита на менталното здравје и арт терапија. „Педала“ ќе организираат образовна работилница за основите на одржување на велосипед, а заедно со учесниците ќе работат на поправка навелосипед кој потоа ќе биде дониран.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска која денеска учествуваше на дебата на фестивалот, граѓанските организации остануваат силен партнер на Владата во носењето на сите важни одлуки. Тоа, како што рече, било така и изминатиот период кога се носеле мерки за справување со здравствено социјалната и економска криза предизвикана од Ковид-19.

 

Граѓанските организации и партнерите брзо се реорганизираа со појавата на пандемијата. Целиот изминат период со граѓанските организации и инспекторатите имавме успешна координација и тоа придонесе за заштита на работните места. Владата покажа дека носи мерки во заштита на здравјето на граѓаните. Се прави баланс меѓу заштитата на здравјето но и течење на останатите процеси како економијата, образованието и другите процеси, рече Царовска.

Министерката ги повика граѓанските организации да се вклучат во креирањето и поддршката на реформските процеси за квалитетно образование.

На фестивалот денеска свое обраќање имаше и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада, која посочи дека годинава фестивалот е во насока на придонесот што граѓанските организации го дадоа во борбата со Ковид-19 и многу е важно да се прикаже солидарност.

Оваа година фестивалот е посветен на одбележување на придонесот на организациите на граѓанското општество во борбата против Ковид-19, исто така да се сетиме на сите оние кои го загубија животот од коронавирусот но и да покажеме дека организациите на граѓанското општество ќе продолжат со својата редовна работа и ќе се придржуваат на приоритетите на своите програми, рече амбасадорката.

 

Таа додаде дека годишниот фестивал на Цивика мобилитис собира рекордни 86 организации на граѓанското општество, и со толку голем број се покажува дека е возможно да се почитуваат мерките за безбедност додека се прикажува работата и активностите на организациите на граѓанското општество.

Најважно, според неа, е дека е можно за организациите на граѓанското општество да стапат во директна комуникација со граѓаните, да го прошират своето членство, и да ја зголемат поддршката на својата работа.

Извор:МИА