Граѓаните чекаат викенд без ДДВ, уште домашни платежни картички, минимална плата од 20.000 денари

Според последните најави кога и како ќе се реализира мерката од третиот сет – пазарење без да се плати данок, ќе одлучува новата влада која допрва треба да се формира, па неофицијално наместо во август, како што беше најавено, тоа најрано би можело да се случи во првата недела од септември. За септември е најавен и четвртиот сет антикризни мерки во чиј состав се и домашни платежни картички за невработените кои не се активни баратели на работа и за пензионерите со минимална пензија

3278

Домашните платежни картички и ваучерите за туризам се поделени и веќе се трошат, но со тоа не се исцрпија мерките директно насочени кон граѓаните од третиот антикризен сет. Мерката „викенд без ДДВ“ најавена уште во мај како да падна во заборав последниве месеци, за викендов претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи да најави дека ќе се реализира дури во септември, по формирањето на новата влада.

Првично беше најавено дека викендот во кој граѓаните ќе можат да пазарат поевтино без да плаќаат ДДВ ќе биде во август. Но, според последните најави концептот на оваа мерка ќе треба да претрпи измени и да се донесе правилник, за кои ќе треба да се изјасни новата влада. Поради тоа, неофицијално, се оди на тоа викендот без ДДВ да се случи во првата недела од септември. Но, според најавите, се ќе зависи од состојбата со ковид -19 во земјава.

Како што беше објаснето на почетокот на мај кога беше објавена оваа мерка, привилегијата да купуваат без ДДВ ќе ја имаат само лицата кои се корисници на апликацијата МојДДВ. Ова е направено за да се избегнат малверзации од типот компаниите тој викенд да го пријават прометот без ДДВ што го правеле претходно. Во викендот без ДДВ ќе може да се купуваат облека, бела техника, мебел, санитарии, школски прибор и книги и друго. Очекувањата се реализацијата на оваа мерка во стопанството да влезат 20 милиони евра.

Но, освен за старите, новата вада што треба да ја формира СДСМ, граѓаните ја држат за збор и за нови ветувања дадени во изборната кампања, како дел од нејзината програма. Меѓу другото, ветен е четврт сет антикризни мерки чиј дел би биле домашни платежни картички за пензионерите со минимална пензија, како и за невработените кои не барат активно работа. Досега картички добија невработените кои се активни баратели на работа со ниски примања,  корисниците на социјална помош, вработените со низок доход, средношколците, студентите и здравствените работници кои се директно вклучени во борбата со ковид -19.

-Колку поскоро се формира новата влада, толку побрзо ќе може да се донесе четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството. Новата влада ќе има мандат и легитимитет да излезе со новите мерки рече викендов на прес-конференција Битиќи.

Тој изрази надеж дека веќе во септември би можел да се донесе четвртиот сет мерки за помош на граѓаните и на економијата.

-Секако, притоа земајќи ги предвид сите позитивни резултати изминатиот период и нивната искористеност, како што е мерката од 14.500 денари за поддршка на платите, или пак мерката со домашната платежна картичка, која што иако беше на удар на другите политички партии покажа дека дава навистина одлични резултати и има повеќекратен ефект во стопанството и врз животот на граѓаните, рече Битиќи.

Доколку ја формира новата влада СДСМ е одговорна пред граѓаните до крајот на мандатот да обезбеди минимална плата од 20 илјади денари, како и просечна плата од 34.000 денари, ветувања со кои најсилно „пукаше“ во изборната кампања.

Додека ние чекаме влада земјите од регионот веќе ги продолжија антикризните мерки

Додека ние го чекаме формирањето на новата влада со надеж дека дури од септември ќе се донесат одлуките за понатамошна поддршка на граѓаните и фирмите, земјите од регионот, една по една ги продолжуваат антикризните мерки.

Словенија на пример, ја продолжи важноста на субвенциите за плати, па се очекува во август околу 24.000 работници да добијат дополнителен приход на таа основа. Оваа мерка беше воведена во април, а се продолжува затоа што се проценува дека на работодавците сè уште им е потребна.

Црногорската влада, пак, усвои трет пакет економски мерки за поддршка на граѓаните и економијата во вредност од 1,22 милијарди евра. Премиерот Душко Марковиќ, рече дека пакетот за помош ќе се реализира во период од четири години и нема да има закана за стабилноста на финансискиот систем. Со краткорочните мерки треба да се обезбеди поддршка на секторот туризам од  83,35 милиони евра, стимулации за земјоделство и риболовот за инвестиции во вкупен износ од 89,4 милиони евра, подобрување на конкурентноста на економијата преку 17 програмски линии и давање десет милиони евра грантови само оваа година. Предвидени се и субвенции за плати, како и поддршка на најранливите категории на населението во висина од 1,8 милиони евра. Со измена на пензиската регулатива треба да се овозможи корисниците на најниската пензија планираното покачување од 13 проценти да го добијат ретроактивно, од 1 јануари.

(С.В.)