Граѓаните симболично ѝ „СВИРАТ КРАЈ!“ на корупцијата

51

Во транспарентна кутија на плоштадот во Скопје, маскирано лице симболично уништува лажни банкноти, симболизирајќи ја корупцијата, преку која државата и нејзините граѓани секојдневно губат огромни суми пари, а граѓаните преку притискање на копчето „СВИРИ КРАЈ!“ можат да го запрат процесот на уништување на нивните пари.

Станува збор за 24-часовен перформанс организиран од Регионалната антикорупциска иницијатива кој почна вчера во 9 часот и ќе заврши денеска во исто време, во кој за само 2,5 часа граѓаните симболично спасија од корупција над 10 милиони денари.

Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Џулијан Васало, истакна дека настанот ги прикажува разорните ефекти на корупцијата во сите нејзини форми, но, исто така, покажува и дека секој од нас има улога во спречувањето на оваа појава што нанесува штета на демократијата, развојот и целокупниот квалитет на живот.

– Борбата со корупцијата претставува предизвик, не само за Северна Македонија и Западен Балкан, таа и натаму е предизвик за земјите од ЕУ. Потребни се напори и заложби, но, исто така, потребно е и добро законодавство и негово спроведување. Заложбите и напорите треба да дојдат и од јавните институции и од приватниот сектор и од граѓаните – истакна Васало.

Тој истакна дека укажувачите на корупција често пати се соочуваат со индиферентност, непријателски, дури и одмазда и наместо да се сметаат за одговорни граѓани, тие се обележуваат како предавници на своите колеги, на организациите, па дури и на владите и на земјите.

Анета Арнаудовска, виш советник за борба против корупцијата во Секретаријатот на РАИ, истакна дека борбата против корупцијата започнува од поединецот, и упати поддршка на „укажувачите“.

Софка Пејовска Дојчиновска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, рече дека треба да се охрабрат што повеќе поединци да одбијат да учествуваат во корупција и активно да се вклучат во борбата против корупцијата, неопходна е и институционална поддршка.