Граѓаните се жалат дека и замрзнатите цени почнале да растат

Граѓаните се жалат на поскапување на некои од производите кои имаат замрзнати цени. Велат дека поскапени се некои видови сирења, леб, брашно млеко... Освен производите кои имаат замрзнати цени граѓаните се жалат дека во меѓувреме пораснаа цените на сите други производи, а позабележителен раст има на цената на кафето, производите од преработувачката индустрија и кондиторските производи. Од Владата најавија дека се размислува за продолжување на мерката, но нема да има директно замрзнување на цените на производите, туку ќе се замрзнат маржите на производите кои се увезуваат. Но, засега сè уште нема ништо од најавената мерка

483

За една недела престанува да важи одлуката за замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи, а засега нема најава за нејзино продолжување. Но, и покрај тоа што одлуката генерално се почитува од трговците, граѓаните се жалат на поскапување на некои од производите кои имаат замрзнати цени. Велат дека поскапени се некои видови сирења, леб, брашно млеко… Освен производите кои имаат замрзнати цени граѓаните се жалат дека во меѓувреме се качија цените на сите други производи, а позабележителен раст има на цената на кафето, производите од преработувачката индустрија и кондиторските производи.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека мал е бројот на граѓани кои пријавиле дека цените и покрај замрзнувањето се покачени од страна на трговците.

-Доколку граѓаните забележат промена на цената на некој од производите кои имаат замрзнати цени, слободно нека поднесат претставка до Државниот пазарен инспекторат. Тоа можат да го сторат електронски, директно во Инспекторатот или преку телефонскиот број 191. Досега преку бесплатната телефонска линија имавме претставка само од еден трговец кој се пожалил дека цената на некои од производите кои имаат замрзнати цени му е зголемена од страна на добавувачот, вели за ВЕЧЕР, Анета Симеска-Димоска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Од Инспекторатот велат дека инспекторите постојано се на терен и досега извршени се над 500 контроли кај трговците и изречени се две парични казни за непочитување на оваа одлука. Последнава недела се направени 50 контролни надзори со записник од инспекторите и не се утврдени неправилности, односно непочитување на одлуката за замрзнати цени.

Досега добиле околу десетина пријави од граѓани за сомневање дека не се почитуваат замрзнатите цени во неколку маркети во Скопје за кој е утврдено дека се неосновани, односно дека нема непочитување на мерката.

Од Владата најавија дека се размислува за продолжување на мерката, но нема да има директно замрзнување на цените на производите, туку ќе се замрзнат маржите на производите кои се увезуваат. Но, засега сè уште нема ништо од најавената мерка за утврдување на највисока маржа за трговците.

-Најверојатно мерката ќе продолжи за производите кои се увезуваат. Не во смисла на директно замрзнување на цените, туку замрзнување на маржата, односно одредување на максимална маржа на производите кои се увезуваат. Ваква мерка ние донесовме пред година и пол во делот на замрзнување, не на цените, туку на маржите на увозниците во делот на увоз на производите кои беа наведени и кои се користат од страна на потрошувачите. Зборуваме за основни прехранбени производи, согласно Законот за трговија рече министерот за економија, Крешник Бектеши.

Од Народната банка информираат дека ќе преземат мерки, ако се потребни односно доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања.

-Ценовните притисоци се последица на растот на цените на примарните производи и приспособувањата поврзани со специфичноста на пандемијата, за кои меѓународните финансиски институции очекуваат постепено стабилизирање. Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. И покрај тоа, потребно е внимателно следење. Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси. Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага, соопштија од Народна банка.

Владата во декември ги замрзна цените на основните прехранбени производи, леб, шеќер, брашно, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто, месо, сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини.

(А.С.)