Граѓаните преку компјутер ќе видат каде се трошат нивните пари

Платформата „Отворени финансии„ во иднина ќе биде коректив на работењето на државните институции и силна барикада за корупција, незаконитост и други неправилности, а истовремено ќе ги натера директорите и министрите да бидат поодговорни кој јавните финансии

217

„Државниот трезор“ на Министерството за финансии од денеска е отворен на увид на граѓаните, односно јавно ќе бидат достапни сите минати, сегашни и идни финансиски трансакции на буџетските корисници. Со оваа законска обврска на буџетските корисници од Владата сметаат дека ќе се зголеми транспарентноста, ќе се овозможи поефикасна работа на државните институции и подобро трошење на парите на граѓаните. Ова го овозможува новата веб-платформа „Отворени финансии“.

-Од денеска па натаму кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакции во рекордно време ќе биде јавно достапна на увид на сите граѓани. Отворањето на трезорот е една од најголемите мерки во намалување на корупцијата и неправилности во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. На овој начин граѓаните ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на државните институции и да видат дали некоја институција форсира одреден економски оператор или компанија или префрлува пари на исти физички лица. Потоа преку Законот за пристап за информации од јавен карактер ќе може да бараат дополнителни информации за таа трансакција, вели премиерот Зоран Заев.

Според него, платформата „Отворени финансии„ во иднина ќе биде коректив на работењето на државните институции и силна барикада за корупција, незаконитост и други неправилности. Истовремено ќе ги натера директорите и министрите да бидат поодговорни кој јавните финансии.

-Преку платформата на јавноста ќе ѝ бидат достапни финансиски податоци за над 12,5 милиони трансакции од 2010 година па наваму, а во иднина истите ќе се обновуваат и прикажуваат на секои 15 дена, појасни Заев и упати апел до сите институции и граѓани редовно да ја користат платформата и да бараат нелогичности.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска рече дека преку платформата „Отворени финансии„ ќе се овозможи разумно трошење на државните пари, бидејќи само со неколку клика на компјутер ќе може да се дознае какви уплати врши некој министер, директор и друго одговорно лице.

-Објавувањето на податоци од трезорот станува законска обврска на државните институции. Поради тоа платформата ќе придонесе за поефикасна работа на институциите на подобро трошење на парите на граѓаните, истакна министерката Ангеловска.

Според Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, целта на платформата „Отворени финансии„ е да ја врати довербата на граѓаните во државните институции. Покрај увид во трошењето на јавните финансии, како што рече тој, граѓаните и граѓанските асоцијации и организации ќе можат да даваат сугестии и предлози за креирање на подобри решенија за транспарентност. (А.С.)