Граѓаните поради истечени лични карти останаа и без плати и без пензии!

Проблемот станува повеќе од сериозен, а вчера уште еднаш се огласи Народниот правобранител кој бара Владата под итно, заедно со деловните банки да најде привремено решение со кое ќе им излезе во пресрет на овие граѓани

114

Покрај проблемите со истечените пасоши, поради кои граѓаните со страв се одлучуваат да тргнат на пат во странство, како и на возачките дозволи, на сè повеќе граѓани им се заканува да останат и без пари, поради истечената важност на личните карти. Деновиве почна исплатата на пензиите и платите, а граѓаните се жалат дека во банките не можат да ги подигнат средствата поради истечената важност на личните карти. За банките, тоа е неважечки документ, а во МВР веќе со денови е проблем да се дојде до термин и нова лична карта за идентификација.

Проблемот станува повеќе од сериозен, а вчера уште еднаш се огласи Народниот правобранител, кој бара Владата под итно, заедно со деловните банки, да најде привремено решение со кое ќе им излезе во пресрет на овие граѓани.

– Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во МВР, за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неоправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките, се вели во соопштението на народниот правобранител.

Конкретно овие граѓани, додаваат, не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, заради неможноста да си ги подмират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги (струја, вода телефон) да стравуваат дека истите ќе им бидат исклучени.

Покрај ова, Народниот правобранител потсетува дека оваа есен претстои одржување на пописот како и локални избори – операции за чие спроведување на граѓаните им требаат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.

– Народниот правобранител во повеќе наврати има потенцирано дека за доследно почитување на со уставот и законите загарантираните права, потребни се силни институции со голем капацитет, а сегашната ситуација со обновата на личните документи, не оди во овој правец, се наведува во соопштението.

Сликата пред МТВ и вчера беше иста како и претходните денови. Во метежот и турканиците на плус 40 степени, имаше и трудници и деца и стари лица. Гужвите се прават поради тоа што приемното одделение, на два пати по неколку дена не работеше и ги одложи термините заради надградба на системот, поточно миграција во нов систем, па истите се преклопуваа со редовно закажаните.

За да се ублажи состојбата МВР информираше дека пасошите на граѓаните, чија важност истекува по 31 јули 2020 година, ќе продолжат да важат до 31 декември 2021 година. Но, тоа првенствено важи за македонските државјани кои се затекнати во странство. Од МВР потенцираат дека патувањата од Македонија во странство се на сопствен ризик и дека тие нема да преземат никаква одговорност, со појаснување дека условите и процедурите за влез и престој во странство, се регулирани согласно националното законодавство на странските држави.

Навалица за аплицирање за пасоши секоја година има пред почетокот на летната сезона, но овој пат е поизразена поради укинувањето на рестрикциите воведени поради Ковид-19, па граѓаните масовно ги обновуваат истечените патни исправи пред заминување на одмор, велат од МВР.

Според последните информации, прв термин за закажување на лична карта има по 20 август, за пасош исто така, но, доколку на некој му се брза пасош може да добие и за два дена, но, треба да плати 10.800 денари. (Е.А.)