Граѓаните повеќе сакаат да ги чуваат парите во банка, отколку да ги инвестираат

Вкупните депозити во банките на крајот на септември изнесувале 6,4 милијарди евра и оствариле годишен раст од 10,1 процент, а од нив 4,3 милијарди се заштеди на граѓаните, кои во однос на истиот период лани се зголемиле за 9,3 проценти. Шеесет проценти од штедните влогови на домаќинствата се во денари, за разлика од периодот пред светската економска криза, кога изнесуваа 40 проценти

135

Македонските граѓани сакаат да штедат во банка и покрај ниските каматни стапки кои опаѓаат подолг период. Со крајот на минатата година банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението. Пензиските заштеди учествуваат со 17 проценти, вложувањето во хартии од вредност и во удели на инвестициски фондови со осум проценти, а на полисите за животно осигурување  опфаќаат малку над еден процент.

Вчера светот по 95-ти пат го одбележуваше Денот на штедењето. Македонските банки се вклучуваат во прославата со депозитно салдо од 6,4 милијарди евра, според податоците до крајот на септември, од кои значителни 4,3 милијарди се заштеди на граѓаните. Според министерката за финансии Нина Ангеловска вкупните депозити имаат годишен раст од 10,1 процент, а оние на населението од 9,3 проценти.

-Секој заштеден денар е заработен денар. Зад штедењето стои доверба, а довербата во македонскиот банкарски сектор е голема. Задржан е трендот на зголемување на штедењето на населението како резултат на довербата во банкарскиот сектор. Денарското штедење на населението го надминува девизното штедење, што укажува на задржување на довербата во домашната валута. Задржано е и штедењето на долг рок, потенцира министерката на свеченоста по повод Светскиот ден на штедење што традиционално ја организира Македонската банкарска организација, годинава  за прв пат во соработка со Фондот за осигурување на депозити.

Оценка на Народната банка е дека амбиентот на ниски каматни стапки ќе остане и во следниот период, па на банките им се препорачува  да одржуваат конкуретни услови за штедење имајќи предвид дека депозитите се клучен извор на банкарската активност во нашата економија.

– Традиционалната склоност на населението за штедење во банкарски депозити остана задржана и во последната декада што се потврдува преку постојаниот раст на депозитите во домаќинствата кој со август достигна девет проценти на годишно ниво. Поволна е и структурата на штедење. Трендот на денаризација продолжува со што сега околу 60 проценти од вкупните депозити во банките се во домашна валута што е значаен напредок во споредба со периодот на глобалната криза кога во денари беа околу 40 проценти од штедните влогови, информираше гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска.

Според претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева, македонските банки многу одговорно и совесно ги чуваат средствата на штедачите, прудентно кредитираат и се грижат за интересите на своите клиенти.

– Да бидеш банкар е истовремено и да бидеш финансиер и да бидеш чувар и добар домаќин на средствата кои ти ги довериле на чување, рече Стевкова-Штериева.

Таа порача дека никого не треба да го збунува разликата во каматите на кредитите и заштедите, зашто меѓу другото, таа треба да ги покрие сите ненаплатени кредити.

Директорот на Фондот за осигурување  на депозити Борче Хаџиев вели дека оваа институција е стабилна и способна да ги обесштети штедачите во случај на ризичен настан на банка или штедилница. Фондот пред себе ја има целта рокот за обесштетување  од сегашните 20 да го скрати на седум дена.

(С.В.)