Граѓаните пиштат од извршителите, Владата ветува ветер и магла

202

Вртоглави суми на име на долг, зачинети со фрапантни камати…  Од Министерството за правда велат дека вршат анализа на претставките на граѓаните за работата на извршителите и нотарите, како и анализи и консултации за измена на Законот за облигационите односи со кои би се направиле законски ограничувања каматата да не може да го надмине основниот долг.  Како што вели за весникот ВЕЧЕР,  Марјан Ристески, претседател  на Конфедерацијата  на  синдикални организации на Македонија  и организатор на протестите “стоп за извршителите” ,  во текот на годинава, извршителите  од граѓаните наплатиле  околу 20 милиони евра, што е добра основа и тие да бидат опфатени  со ветинг.  Бараме ветинг и за извршителите за да докажат од каде им се парите. Извршителската професија стана најплатена во државата – реагира Ристески.

 

Има ли крај на маките на граѓаните кои што се под будното око на извршителите?! Главниот проблем кој  секојдневно им виси на глава се вртоглавите суми на име на долг, зачинети со фрапантни суми на име на камати. На оваа тема тие веќе  разговарале со владините институции од каде очекуваат да се изнајде законска можност во иднина каматата да не може да ја надмине сумата на главниот долг. Втор голем проблем за граѓаните се и големите износи кои банките ги наплатуваат за блокирање и деблокирање на сметките.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР,  Марјан Ристески  претседател  на Конфедерацијата  на  Синдикални Организации на Македонија (КСОМ) тие очекуваат Владата да  го исполни ветеното и во договор со комуналните компании да ги отпише старите долгови, особено оние за струјата каде што има и најмногу должници.

Од друга страна пак, отписот на долгови е меч со две острици, бидејќи ќе се јави револт кај оние граѓани кои што уредно секој месец ги намируваат своите сметки и не должат никому. Тие пак  правдано реагираат и велат дека пред Уставот се сите исти и не може за едни да има отпис на долговите, а други  редовно да си ги плаќаат обврските.

-Најголем дел од предметите што се во рацете на извршителите, а кои што се над 300.000 се за комунални долгови како што се струја, вода, парно, долгови кон банките и други услужни институции – вели Ристески и дополнува пак дека највисоките суми што ги должат граѓаните се токму обврски кон банките, кои завршиле кај извршителите.

Тој наведе пример каде еден наш сограѓани, кој зел 300.000 денари банкарски кредит, по останувањето без работа бидејќи не можел навреме да го исплаќа, долгот му достигнал 1,2 милиони денари и постојано му се зголемува  по основ на камати. Згора на се, банката го активирала извршителот и на агонијата и нема крај.

– Под итно е неопходна комплетна ревизија на работењето на  извршителите, особено да престане блокирањето на сметките на граѓаните должници , а наплатата на долгот да не трае подолго од две години. Исто така, смета тој по 10 години да има застарување на долгот, вели  Ристески.

Според Ристески извршителите во текот на годинава од граѓаните наплатиле  околу 20 милиони евра, што е добра основа со ветинг да бидат опфатени и извршителите.

Бараме ветинг и за извршителите за да докажат од каде им се парите. Извршителската функција стана најплатена функција во државата – реагира Ристески.

Од Министерството за правда велат дека вршат анализа на претставките на граѓаните за работата на извршителите и нотарите, како и анализи и консултации за измена на Законот за облигационите односи со кои би се направиле законски ограничувања каматата да го надмине првичниот износ на долгот.

Тие согледале дека големите камати често, неколкукратно го надминуваат основниот износ на долгот, бидејќи според Законот за облигациони односи, каматата тече до денот на исплата на долгот. Токму затоа како што информираат од Министерството за правда во моментот се вршат анализи и консултации за измена на Законот за облигационите односи со кои би се направиле законски ограничувања каматата да го надмине основниот износ на долгот.

-Сепак, должни сме да напомниме дека се јавуваат проблеми со важење на измените ретроактивно. Тоа укажува дека решението на проблемот може да се бара во носење закон за отпис на камати, при што треба да се обезбедат средства за надомест на каматите, кои ги побаруваат приватни доверители, што не е во надлежност на министерството – објаснуваат од Министерството за правда.

Премиерот Зоран Заев деновиве потсети дека со новиот Закон за извршители трошоците се намалени за 30 отсто, но најави дека Владата размислува за развивање нови законски решенија кои би им помогнале на граѓаните особено во делот на каматите.

– Имаме професии кои се екстремно богати од пренесено јавно овластување, а од друга страна народот плаче со преку 200.000 блокирани трансакциски сметки, заглавени во бесконечен лавиринт – реагираше  Заев и дополни дека треба да се мисли и за оваа категорија на граѓани и дека треба да им се помогне.

(В.Ма.)