Граѓаните на прво место ги перципираат инспекторите како потенцијално најкоруптивни, а втори градоначалниците

82

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов нагласи дека потребни се реформи во организацијата на инспекцискиот надзор во главниот град, со што конечно ќе се стави крај на сите слабости кои вака организираниот систем досега ги покажувал. Тој потсети дека во Инспекторатот ангажирани се повеќе од 60 лица и оттука смета дека Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор на територија на целиот град

Граѓаните на прво место ги перципираат инспекторите како потенцијално најкоруптивни, а втори градоначалниците. Ова беше истакнато на дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што се одржа во Град Скопје, а на кој учествуваа градоначалници на скопските општини, директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, директорката на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова, како и претставници од Министерството за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа и Инспекцискиот совет на РСМ.

– Речиси 42 отсто од граѓаните сметаат дека една од најслабите алки на функционирањето на локалната самоуправа се општинските служби и дека тие во голема мера зависат од волјата на градоначалниците.  Во скопскиот регион, нашето истражување на јавното мислење покажа дека 55 отсто од граѓаните сметаат дека општинските служби и инспекторите зависат од волјата на градоначалниците. А 40 отсто сметаат дека во суштина општинските инспектори не зависат само од волјата на градоначалниците, туку дека се во маѓепсаниот круг и на моќниците, во економска и во други сфери – рече Бејкова.

Таа посочи дека анализата на состојбите внатре и од работењето на општинските служби покажува дека речиси не постои општина во земјава, вклучително и Град Скопје и скопските општини, каде имаат доволно капацитет на општинските служби. Голем дел од општините, како што рече, имаат меѓуопштински договори кои често пати се само на хартија и не се ефикасни.

– Голем проблем за општинските инспектори е што им одговараат на градоначалниците така што постои висок ризик од корупција – рече Бејкова.

Меѓу проблемите во оваа област, таа наведе дека нема доволно квалитетен кадар, нема доволно инспектори, луѓето не сакаат да бидат инспектори затоа што се чувствуваат несигурно, небезбедно, не се доволно платено. Немаат доволно техничка опрема, често пати законската регулатива е во колизија една со друга, постапувањата и процедурите се комплицирани… Сето ова нив ги натерало да почнат серија дебати и да се размислува за подобрување или нов модел на функционирање.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов нагласи дека потребни се реформи во организацијата на инспекцискиот надзор во главниот град, со што конечно ќе се стави крај на сите слабости кои вака организираниот систем досега ги покажувал.

– Заедно со 10-те градоначалници на скопските општини многу пати досега сме го разговарале и сме барале решенија како да стигнеме до модел кој навистина ќе биде ефикасен, ќе функционира и ќе дава резултати. Откако ја преземав градоначалничката позиција во Град Скопје, Секторот Инспекторат значително ја интензивираше својата активност што може да се забележи во годишните извештаи кои се јавно и транспарентно објавувани на веб-страницата на Градот. Бројот на казни и опомени во различните области во кои Град Скопје има надлежности се зголемени најмалку двојно, а во зависност од годината и областа, некаде се и неколкукратно зголемени – рече Шилегов.

Тој ги спореди годишните извештаи за работата на Инспекторатот од изминатите 2 години, па така, кај комуналната инспекција, за 134% е зголемено постапувањето на инспекцијата по барање на граѓани, за 237% е зголемен контролниот инспекциски надзор на комуналните инспектори.

– Инспекцијата за животна средина во 2019 година извршила 274 редовни инспекциски надзори, односно 117% повеќе од 2018 година. Во 2019 година вонредните инспекциски надзори се зголемени за 300% во однос на 2018 година, односно, во 2019 година спроведени се 49 инспекциски надзори, а во 2018 година – 12. За 300% зголемен е и вонредниот инспекциски надзор со акредитирана лабораторија, односно во 2019 година имало 12 надзори, а во 2018 година – 3. Инспекцијата за патен сообраќај во 2019 година извршила 271 редовен инспекциски надзор, што е 134% повеќе од 2018 година. Зголемен е и бројот на контролни инспекциски надзори за 66% и вонредни инспекциски надзор за 600% во однос на 2018 година – објасни Шилегов.

Тој потсети дека во Инспекторатот ангажирани се повеќе од 60 лица и оттука смета дека Град Скопје е подготвен да ја преземе надлежноста за целокупниот инспекциски надзор на територија на целиот град.

– Она што треба јавноста да го знае е фактот дека се подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишеме заедно со 10-те скопски општини преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје. Во тек е финално усогласување на ставовите кое ќе резултира со конечен предлог. Целта на ова е да се избегнат случаите каде што некој може да помисли, а камоли да започне да гради дивоградба во центарот на Скопје, каков што беше случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ – истакна Шилегов.