Граѓаните можат да си дозволат само поевтино замрзнато свинско, нема пари за свежо

Недостигот на домашно свежо свинско месо се надополнува со увоз на замрзнато, кое наместо за преработки, често завршува во месарниците и во маркетите. Граѓаните, пак, поради намалената куповна моќ и зголемените цени на свежото свинско месо, кое се качи за над 30 отсто, почнаа да купуваат поевтино, замрзнато. Освен Македонија, и европските земји имаат недостиг од свинско месо. Поради високите цени на сточната храна и на енергенсите, многу фармери се откажуваат од овој бизнис

426

Во државата веќе има недостиг од свинско месо. Намалениот сточен фонд и африканската свинска чума предизвикаа сериозен удар врз свињарството. Недостигот на домашно свежо свинско месо се надополнува со увоз на замрзнато, кое наместо за преработки, често завршува во месарниците и во маркетите. Граѓаните, пак, поради намалената куповна моќ и зголемените цени на свежото свинско месо, кое се качи за над 30 отсто, почнаа да купуваат замрзнато. Освен Македонија, и европските земји имаат недостиг од свинско месо. Поради високите цени на сточната храна и на енергенсите, многу фармери се откажуваат од овој бизнис.

– Замрзнатото свинско месо, кое се увезува, наместо за потребите на месната индустрија, во последно време сè почесто се продава во маркетите. Поради зголемените цени на свежото свинско месо за над 30 отсто, граѓаните сè почесто купуваат замрзнато, кое е поевтино. Така, наместо за месни преработки, замрзнатото се продава за консумирање. Ако немаме увоз на замрзнато свинско, ќе немаме доволно за домашниот пазар – изјави за ВЕЧЕР Драган Зафиров, сопственик на месната индустрија „Дамес“ од Велес.

Според него, ѓубрето, нафтата, сточната храна и струјата се многу повеќе покачени отколку цената на свинското. Поради тоа, и покрај мерките на Владата за субвенционирана струја, не се очекува цената да оди надолу, туку напротив, да продолжи трендот на пораст и на замрзнатото месо, кое, исто така, е поскапено за околу 20 отсто.

– Владата ги условува компаниите што ќе склучат договор за поевтина струја, покрај маржите, да ги намалат и цените на производите, но на производителите не им се исплати тоа. Поради тоа, голем број производители од месната индустрија нема да аплицираат за субвенционирана струја – вели Зафиров.

Од месарниците велат дека куповната моќ на граѓаните е многу падната, а тоа се гледа и во прометот, кој е намален за 30 отсто.

– Кризата си го направи своето, прометот во месарниците е паднат за 20 до 30 отсто. Голем дел од замрзнатото свинско месо, кое е наменето за преработки, се одмрзнува и се продава како свежо, а дел од замрзнатото, пак, се препакува и се продава како замрзнато. Секако, ова месо, еднаш замрзнато, па одмрзнато, не е толку квалитетно, но тоа е, народот нема пари и бара нешто поевтино. Во месарниците, најмногу се троши меленото месо, кое е најевтино, но и тоа, исто така, се прави од замрзнато свинско месо од увоз – вели Александар, сопственик на месарница во Скопје.

Од месните индустрии во државата велат дека криза за месо нема само во Македонија туку и во Европа, каде што месото, освен што го нема, е и поскапено за над 50 отсто.

Германија, еден од најважните светски извозници на свинско месо, трпи огромни загуби во овој сектор. Многу фармери во Германија неодамна се откажаа од овој бизнис, едни се презадолжени, а други не гледаат иднина за германското свињарство поради зголемените трошоци за производство. Затоа месото ќе стане дефицитарна стока, а на полиците на продавниците одамна го нема.

Германија, сепак, не е единствената земја што има недостиг од месо и чии сточари ги трпат последиците од кризата. Речиси во сите европски земји се бележат пад на добитокот и раст на цените на месото.

(А.С.)