Граѓаните можат да извадат ПЦР-тест за патување и преку туристичките агенции за 900 денари

Актуелните правила за влез во Грција, продолжени се за уште една седмица, а негативниот ПЦР-тест наместо од петгодишна возраст, задолжителен е за сите со наполнети шест години. Периодот на изолација на позитивните случаи е скратен од 14 на 10 или на седум дена доколку се работи за лице кое е веќе вакцинирано. Од туристичките агенции од земјава кои организираат патувања во Грција велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, се прават нови резервации, но проблем за оние кои не се вакцинирани е цената на тестот. Некој од туристичките агенции им нудат можност на клиентите да им извадат ПЦР-тест по цена од 900 денари.

3407

Актуелните правила за влез во Грција продолжени се за уште една седмица, а негативниот ПЦР-тест наместо од петгодишна возраст задолжителен е за сите со наполнети шест години. Периодот на изолација на позитивните случаи е скратен од 14 на 10, или на седум дена, доколку се работи за лице кое е веќе вакцинирано. Останува обврската за негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа за оние кои не се вакцинирани, како и пополнет ПЛФ-формулар кој може да се најде на веб-страницата travel.gov.gr.

Од туристичките агенции од земјава, кои организираат патувања во Грција, велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, се прават нови резервации, но проблем за оние кои не се вакцинирани е цената на тестот.

-Во соработка со некои од најдобрите лаборатории и здравствени установи во земјата на нашите клиенти им нудиме можност ПЦР-тест да извадат за само 900 денари. При секоја резервација за Грција ние ги прашуваме дали сакаат преку нас да извадат ПЦР-тест и им закажуваме. На тој начин ќе го добијат тесто брзо и едноставно. Освен тоа на нашите клиенти им нудиме помош за пополнување на ПЛФ-формуларот, кој е задолжителен документот за влез во Грција, вели за ВЕЧЕР Елизабета Кочева-Јосифовска од ЈК „Травел“.

ПЛФ формуларот всушност е документ кој содржи лични податоци, траење и адреса на престој во Грција и истиот може да се покаже во отпечатена верзија  или од мобилните телефони.

Во Грција може да влезете со сертификат за вакцинација, а последната доза мора да биде аплицирана најмалку 14 дена пред пристигнувањето. Грција ги признава сите вакцини. Ако не сте вакцинирани како доказ може да прикажете и потврда дека сте прележале ковид-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антитела со важност од 2 до 9 месеци од датум на дијагностицирањето на болеста.

Од туристичките агенции велат дека грчките туристички капацитети ги почитуваат сите протоколи за безбеден престој на туристите кои важат во цела Европска Унија и се препорачани од СЗО. Сите туристички работници се вакцинирани, се почитуваат сите здравствени мерки што ги препорачува грчката влада.

Според протоколите на здравствените власти во Грција секој работодавец е должен два пати неделно да ги тестира вработените, во спротивно плаќа висока глоба. Во секое туристичко место има пунктови за брзи тестови за ковид-19. Овие пунктови најчесто ги посетуваат туристите на кој за враќање во нивната држава им се бара негативен брз тест. На плажите не се носат маски, а има зголемено растојание меѓу лежалките.

Поголем прилив на странски туристи во Грција се очекува на крајот на јуни или почетокот на јули.

-Само околу десет проценти од хотелите се веќе отворени, но повеќето чекаат да се разјасни ситуацијата кога станува збор за најголемиот број туристи кои престојуваат во грчките хотели, тоа се гости од Велика Британија, Германија, Русија и скандинавските земји, информираше потпретседателката на грчката унија на хотелиери, Кристина Тетради.

Паралелно, истите правила и рестрикции што важат и за грчките државјани, важат и за странските туристи, а тоа се задолжителна употреба на маска и на отворено и на затворено, забрана за движење по 00:30 часот, поради полицискиот час, задолжително одржување дистанца итн. Кон нашата држава отворен е само граничниот премин Евзони – Богородица, со работно време од 7 до 23 часот, по локално, односно од 6 до 22 часот, по македонско време.

Грција годишно ја посетуваат околу еден милион македонски туристи. Во преткризната 2019 година Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, што е за 20 проценти помалку во споредба со 2018 кога имало еден милион 187 илјади македонски туристи.

 (А.С.)