Граѓаните и догодина ќе можат да одат на летување и зимување на државна сметка

Ваучери за домашен туризам ќе се даваат и наредната година, а старите кој беа доделени во јули годинава ќе треба да се искористат до 15 декември, бидејќи средствата за нив се предвидени во Буџетот за оваа година. За тоа колку ваучери ќе бидат доделени и кои ќе бидат условите за нивно добивање, сè уште не се знае, но сигурно е дека дел од граѓаните и наредната година ќе летуваат и зимуваат на државен трошок

86

Ваучери за домашен туризам ќе се даваат и наредната година, а старите ќе треба да се искориста до 15 декември, бидејќи средствата за нив се предвидени во Буџетот за оваа година. Како што појасни министерот за економија Крешник Бектеши, оваа мерка ќе продолжи и наредната година бидејќи даде ефект, односно придонесе за зголемување на бројот на домашни туристи. Тоа значи дека граѓаните, барем оние кој ги исполнуваат условите и наредната година ќе летуваат и зимуваат на државна сметка.
-Мерката ќе се продолжи, но можеби тоа нема да биде во јануари, тоа би можело да биде веќе во вториот квартал, односно во април. Досега се искористени 46.000 ваучери за домашен туризам, а податоците од Државниот завод за статистика за раст на бројот на домашни туристи во август и септември покажуваат дека мерката ги дала очекуваните резултати, изјави Бектеши.
Во август бројот на домашни туристи се зголемил за 8,9 проценти во споредба со истиот месец лани, а во септември за 33,7 проценти во однос на септември минатата година. Статистичките податоци го потврдуваат овој факт дека и во време на криза има зголемување на бројот на домашни туристи, а прогнозите се дека овој позитивен тренд ќе продолжи до крајот на годината.
Ова го потврди и директорот на Агенцијата за поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и побара продолжување на рокот на користење нанеискористените ваучери и продолжување на мерката и наредната година.
-Ваучерите треба да продолжат за 2021, а исто така сметам дека околу 50 илјади ваучери, кои не се искористени, треба да им биде продолжен рок доколку е можно, бидејќи во овој момент нашите Ски-центри се затворени, а тие може да се користат до средината на декември, изјави Јаневски и не ја исклучи можноста дека една од причините за слабата искористеност на ваучерите е што покасно биле поделени.
Туристичките работници велат дека побарувачката за аранжмани за домашните ски центри е мала поради големиот број на заразени. Според нив, ваучерите се добра опција за поддршка на туризмот, но недоволната искористеност значи дека нешто треба да се промени, според нив мерката треба да има поширок опсег, односно да се даваат и на граѓани кој не се социјални случаи.
Од Стопанската комора за туризам велат дека скијачките центри Попова Шапка, Маврово, Крушево бележат голем пад на туристичката побарувачка.
Од АППТ пак, уверуваат дека преку отворени чартер летови во 2021 година туристите од Украина, Белорусија и Русија се повеќе ќе бидат присутни во нашите туристички центри и дека доколку ситуацијата со пандемијата е на очекуваното ниво, првите туристи од Белгија ќе може да пристигнат во нашите ски-центри веќе кон средината на декември.

(А.С.)