Граѓаните ги очекува ново покачување на струјата и нов ценовен шок!

Власта, опозицијата и експертите со различни мислења околу процентот на зголемување на цената на струјата. Од власта дека со поскапувањето што го бараат ќе има благо покачување на цената за потрошувачите и оти поскапувањето ќе биде околу 10 отсто. Од опозицијата, пак, обвинуваат дека граѓаните ги очекува нов ценовен шок со новото покачување на електричната енергија за над 20 отсто. Со сличен став се и експертите, кои, исто така, сметаат дека струјата од јули ќе поскапи до 20 отсто, а дека од октомври нè чека уште едно поскапување, кое ќе биде од 70 до 100 отсто

290

Од АД ЕСМ тврдат дека со поскапувањето што го бараат, ќе има благо покачување на цената за потрошувачите. Од опозицијата, пак, обвинуваат дека граѓаните ги очекува нов ценовен шок со новото покачување на електричната енергија за над 20 отсто. Со сличен став се и експертите, кои, исто така, сметаат дека струјата од јули ќе поскапи до 20 отсто, а дека од октомври нè чека уште едно поскапување, кое ќе биде од 70 до 100 отсто. Од Регулаторната комисија за енергетика смируваат дека државата нема да дозволи големо зголемување на цената на струјата, односно дека поскапувањето ќе биде околу 10 отсто.

АД ЕСМ понуди цена од 48 евра за мегават-час за периодот јули-декември 2022 година, седум евра повеќе од цената за претходното шестмесечје, јануари-јуни 2022 година, кога изнесуваше 41 евра. Како што информираат оттаму, корекцијата на цената мора да се гледа во контекст на енормното зголемување на цените на енергенсите на глобално ниво, како и нивната недостапност, особено во период на грејна сезона.

Кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегават-час, треба да се земе предвид дека цените за електричната енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022 година се движат меѓу 320 и 360 евра за мегават-час.

За периодот јули-декември 2022, наведуваат, ЕСМ ќе ги обезбеди вкупните количини електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме, односно 100 проценти да ги покрие потребите на граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 отсто), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.

– Исто така, ЕСМ се обврза да обезбеди и дополнителни 10 проценти енергија доколку ЕВН Хоме го побара тоа во текот на договорниот период – велат од ЕСМ.

Од ЕСМ посочуваат и дека поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар, конзумот на ЕВН Хоме е зголемен за 27 проценти и од тие причини, како што велат, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 отсто од производството во 2021 година.

– Дополнителните потреби на ЕВН Хоме и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ „Неготино“ – посочуваат од ЕСМ. – ЕСМ покажа дека има капацитет да обезбеди снабдување со електрична енергија и дека има помош и поддршка од Владата и така ќе продолжиме и во следниот период и претстојната грејна сезона – соопштија од ЕСМ.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, понудената цена на струјата од страна на ЕСМ од 48 евра не е ниту нереална, а најмалку политичка. Тоа е одговорна одлука. Просечната цена за мегават-час електрична енергија за периодот јули-декември 2022 година на берзите се движи околу 350 евра.

– Во услови на енергетска криза, како одговорна Влада, секогаш им излегуваме во пресрет на граѓаните, така и ќе продолжиме во иднина. Со мерките што досега ги презема Владата, надоместивме 80 отсто од фактурите за струја за домаќинствата и над 60.000 компании беа покриени од Владата. Во оваа насока ќе продолжиме и понатаму сè со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови – напиша на Фејсбук.

Од опозицијата, пак, обвинуваат дека граѓаните ги очекува нов ценовен шок со новото покачување на електричната енергија за над 20 отсто.

– Со ова покачување на цената на електричната енергија ќе се зголеми и така веќе двоцифрената инфлација, а со тоа ќе се покачат и цените на сите основни прехранбени продукти. Без конкретни мерки, без помош за стопанството за излез од кризата, секојдневно се затвораат компании, а граѓаните остануваат без работа – велат од опозицијата.

Со сличен став се и експертите, кои, исто така, сметаат дека струјата од јули ќе поскапи до 20 отсто, а дека од октомври нè чека уште едно поскапување, кое ќе биде од 70 до 100 отсто. Според нив, поради моменталната економска криза, Владата не може многу да ја покачи цената на струјата и затоа првично ќе оди со пониска стапка на раст.

– Поскапувањето на цената на струјата е неминовно. Но, за да ја прикрие својата неспособност што не успеа соодветно да одговори на енергетската криза, Владата нема да оди со висока стапка на пораст на струјата. Во вториот квартал ќе имаме зголемување од 10 до 20 отсто, а во третиот зголемувањето ќе биде многу повисоко и ќе се движи од 70 до 100 отсто. Државата не може многу да ја покачи цената на струјата бидејќи сме во економска криза и граѓаните се исцедени. Но, од друга страна, нема пари во Буџетот и нема да може многу да ја субвенционира цената на струјата за домаќинствата – изјави енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Дека од есен нè чека нов струен шок потврдува и универзитетскиот професор Константин Димитров, кој вели дека од октомври нè очекува уште едно поскапување на струјата, кое ќе биде далеку поголемо од првично најавените 10 отсто.

– Економско-енергетската состојба во земјава не чини и, за жал, ќе биде уште полошо, зашто од есен нè очекува уште едно поскапување на струјата. Државата ја покрива својата неспособност со заеми однадвор, кои нè чинат милиони, пари кои ќе ги платиме ние, граѓаните, зашто Македонија не произведува доволно струја – вели Димитров.

По која цена граѓаните ќе ја плаќаат струјата и за колку ќе им се зголемат сметките, последниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, а се очекува одлуката да биде донесена неделава.

(А.С.)