Граѓаните бараат „Правда за Јана“ пред Министерството за здравство

69

На протест што се одржа вечерва пред Министерството за здравство беа побарани одговори за смртта на шестогишната Јана која почина минатата недела во Клиничката болница во Битола. Учесниците на мирниот протест побараа, како што наведоа Правда за Јана“ и „одговорно Министерството за здравство“.

Порачаа дека е „доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вината кај пациентите“.– Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Смртта не доаѓа според закон, прописи и протоколи. Јана е од нешто отидена. Бараме да откриеме зошто е тоа така. Ако родителите велат дека детето било здраво, право, ако има некоја индикација дека имало претходни проблеми информирајте ја јавноста. Вака само се потресуваат луѓе. Тука доаѓаат и мајки коишто имаат и други здравствени проблеми и коишто шетаат низ истите лавиринти и не знаат што уште ќе им се случи, изјави Татјана Стојановска, граѓански активист.

Потребна е, додаде, здравствена сигурност и правда.

-Се чувствувам многу излажана во однос на сите реформи коишто беа ветени, за коишто сме се бореле, а не сме добиле ништо. Искрено ова место ме потсеќа токму на Тамара и знам како заврши сето тоа и не сакам да се случи истото со Јана. Затоа и ги поддржуваме битолчани. Се надевам дека ќе направат навистина добар протест, односно ќе дигнат глас да добијат одговор зошто и како ова се случува, порача Стојановска.

Според учесниците на протетсот, има многу неодговорени прашања.

-Јас сум мајка на девојка со ретка болест која во државата една деценија е лечена и дијагностицирана со грешна дијагноза. Тука дојдов да дадам поддршка за родителите на Јана, не да ги обвиниме лекарите, туку да ја дознаеме вистината. Како настанала смрттта на ова девојче за само четири часа кое на нозе одело до болницата. Мене не ми е јасно јас имам неколку неодговорени прашања кои ме мачат неколку дена и сум крајно вознемирена и исплашена да однесам сега дете во државно здравство, рече во изјава за медиумите учесничка на протестот.

Организаторите претходно преку објава на социјалните мрежи ги повикаа граѓаните да се приклучат на протестот кој освен во Скопје се одржа и на плоштадот „Магнолија” во Битола.

Шестгодишната Јана почина на 22 март во битолската клиничка болница само неколку часа откако била примена со оток на очите, болки во грлото и нозете и повраќање. Нејзините родители се сомневаат дека девојчето не било соодветно третирано и велат дека и покрај покачениот шеќер во крвта, примало инфузија со гликоза по што шеќерот се покачил на 19.