Граѓаните бараат повторно да има превоз до гробиштата „Камник“

84

Роднини на упокоените на гробиштата „Камник“ во населбата „М. А.Ченто“ бараат да има превоз до таму. Тие велат дека пред пандемијата постоел минибус кој сообраќал до овие гробишта. Тоа велат им е потребно, пред сè, на повозрасните лица кои потешко се движат, бидејќи гробиштата се на повисоко место.

Од ЈСП „Скопје“ велат дека никогаш немало редовна линија до гробиштата Камник.

– До пред неколку години постоел т.н. организиран превоз до посочената локација, но, во случајов станува збор за организиран превоз од страна на Општина Гази Баба и тоа само за време на викенди и празници. Превозот го организирала општината, таа објавувала оглас, плаќала надомест за превозот. Еден период возеле автобуси на ЈСП Скопје, а извесен период возила на приватните превозници – објаснуваат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека согласно Одлуката за линиски превоз на патници во град Скопје, „превозниците, општините, урбаните и месните заедници, други институции и здруженија можат да иницираат воведување на нови линии што не се содржани во мрежата на автобуски линии, како и продолжување, скратување и укинување на постојните автобуски линии.

– За воведување нови линии, продолжувања, скратување и укинување на постојните автобуски линии одлучува Советот на Град Скопје, врз основа на претходно истражување и анализи направени од ЈСП, како носител на системот за линиски превоз, за исполнетоста на неопходните сообраќајно-технички, безбедносни, економски и други услови во согласност со закон и други прописи донесени врз основа на закон – велат од претпријатието.

По објавувањето на реакциите на граѓани во весникот ВЕЧЕР дека им биле побарани 5.000 евра за гробно место во гробиштата Камник, од АД „Бутел“ денеска ниту го потврдија, ниту го демантираа тоа. Оттаму само наведоа дека за надомест за одржување на гробно место се наплаќа 320 денари годишно и оти оваа цена е непроменета долги години.

– Ценовникот за услугите кои АД „Бутел“ ги наплаќа е уредно објавен на
нашата веб-страница и фејсбук-профил. Одржување на гробиштата се остварува тековно и етапно, особено во пролетниот/летниот период. Асфалтирањето на улиците низ Градските гробишта е во соработка со Град Скопје, и секој период се доработува и надополнува согласно потребите. Од ценовникот ќе ја утврдите и висината на цената за гробно место со бетонски фундамент, а каков ќе биде споменикот кој ќе се постави останува на преференциите и можностите на самите граѓани кои тоа го уредуваат – одговорија од АД „Бутел“.

Според Одлуката за утврдување на висината на надоместоците за работите што ги врши АД „Бутел“, како Управител на градските гробишта, објавена на нивната фејсбук-страница, доделувањето на гробно место со бетонски фундамент чини 10.400 денари.

(А.П.)