Град Скопје ќе одвои средства за чистење на депонијата во Ѓорче Петров

107

Во буџетот на Градот за наредната година, се одвоени средства за чистење на неколку поголеми диви депонии во градот, меѓу нив е и расчистувањето на депонијата во Ѓорче Петров, ова го соопшти Градот Скопје во пресрет на граѓанскиот протест најавен за утре, во врска со загадувањето од депонијата во Ѓорче Петров.

-Депонија во Ѓорче Петров со децении ги загадува и нагрдува околните населени места, но со планираните активности екипите на Градот ќе го расчистат натрупаното ѓубре, а просторот ќе го облагородат, соопштува Град Скопје.

Во соопштението се наведува дека борбата за здрава и чиста животна средина е приоритет на градската администрација и на ова прашање се работи секојдневно, и во сезоната кога има загадување, но и во сезоната кога нема загадување.

-Градот Скопје континуирано спроведува акции за чистење на јавните површини, како и за расчистување на дивите депонии. Само за илустрација, за две години, за периодот ноември 2017 – ноември 2019 година од дивите депонии во градот е расчистен отпад од 12.666 кубни метри, информираат од Градот.

Инспекторите и комуналните редари на Град Скопје, како што се наведува во соопштението, во последниве две години ги засилиле контролите на терен што резултира со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години.

-Борбата за поздрава и почиста средина е процес кој трае без прекин и во неа треба да бидат вклучени и надлежните институции, но и граѓаните со своето одговорно однесување. Само заедно, со заеднички напори, може да ги достигнеме стандардите кон кои сите тежнееме, а граѓаните да го остварат своето право на чиста и здрава средина, информира Град Скопје.