Град Скопје: Задолжителни паркинг-места и простор за велосипеди на градежните парцели

70

Град Скопје до скопските општини им препорача да донесат одлука да воведат  задолжителни паркинг-места и простор за велосипеди на градежните парцели при издавање  одобренија за градба за нови објекти и за усогласување на инфраструктурата кај веќе изградените објекти. Целта на препораката е да се стимулира зголемена употреба на еколошки превозни средства, да се намали метежот во сообраќајот и да се намали загадувањето на воздухот од употребата на моторни возила.

Град Скопје соопшти дека одлуката која би се донела на општинско ниво е важна со цел инвеститорите на нови станбени и деловни објекти во рамки на градежната парцела да предвидат и соодветни паркинг простори за велосипеди.

-Со ваква одлука со која би се задолжиле инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност за истите да се постават, значително ќе се придонесе за подобрување на инфраструктурата и стимулирање на зголемено користење на велосипедите. Со наложување на минимално потребен број паркинг места за велосипеди кај новите, но и кај станбени згради кои треба да се реконструираат, се обезбедува стандардизирање на уредувањето и обезбедувањето на паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела, што треба да е соодветно прилагодено согласно бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила, информира Град Скопје.

Се препорачува со одлука на општината да се утврди од вкупниот број паркинг-места за велосипеди,  да бидат заштитени од кражба и атмосферски влијанија, правно усогласени со документацијата која е дел од постапката за издавање на одобрение согласно Законот за градење.

Се препорачува со одлука на советот на секоја од општините да се предвиди, за веќе изградените станбени и деловни објекти, да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во соодветен рок утврден со донесената одлука.

-Град Скопје во изминатата година обезбеди паркинзи за велосипеди во сите 23 градски средни училишта со цел стимулирање на здрави навики кај младите и користење на велосипедот, при што се препорачуваме на скопските општина во училиштата и институциите кои се под општинска надлежност да се воведат соодветни паркинг простори и места. Веруваме дека со заеднички напори и воведување системски решенија ќе бидеме чекор поблиску до обезбедување поквалитетни услови за живот на нашите граѓани, наведува Град Скопје.