Градските власти развиваат туризам со распаднати фонтани, без јавни тоалети и шеталиште полно со шут

271

Во самото срце на Скопје туристите ги пречекува нечистотија, одлепени плочки од големата фонтана на споменикот „Воин на коњ“, со нефункционална подна фонтана која доскоро беше со отворена дупка, со пропаѓање на објектите од проектот „Скопје 2014“, или пак, со градежниот шут на сè уште незавршеното шеталиште на кејот „13 Ноември“, кое според скопскиот градоначалник Петре Шилегов, требаше да биде готово до почетокот на летото. Или, можеби со распаднатите јавни тоалети кои никој не ги одржува поради што, не знам, дали некој би се осудил да ги посети и да му е итно. Од Град Скопје велат дека работат и инвестираат во строгиот центар, со цел да го добие посакуваниот модерен и европски лик

Македонската метропола, сега кога конечно стивнува пандемијата со коронавирусот и кога се отвораат границите, „има со што да ги дочека“ туристите.

Во самото срце на Скопје туристите ги пречекува нечистотија, одлепени плочки од големата фонтана на споменикот „Воин на коњ“, со нефункционална подна фонтана која доскоро беше со отворена дупка, со пропаѓање на објектите од проектот „Скопје 2014“, или пак, со градежниот шут на сè уште незавршеното шеталиште на кејот „13 Ноември“, кое според скопскиот градоначалник Петре Шилегов, требаше да биде готово до почетокот на летото.

Или, можеби со распаднатите јавни тоалети кои никој не ги одржува поради што, не знам, дали некој би се осудил да ги посети и да му е итно.

Дека туристите ги дочекува навистина грда слика, која претставува срам за една метропола каква што е Скопје која се стреми да стане европска, потврдуваат и од Здружението на туристички водичи и придружници на Македонија.

– Доколку ја изодите познатата туристичка патека низ Скопје, од Старата железничка станица, улицата „Македонија“, па преку плоштадот „Филип 2“, Старата скопска чаршија до Калето, ќе се соочите со ѓубре, неисчистени фонтани, а што е запрепастувачки, нема јавни тоалети. Наш предлог беше кога повторно се градеше надвозникот кај Стоковна куќа „Мост“, во џебовите кои беа долу да се направат тоалети. Баравме средба со првиот човек на градот за да му укажеме на недостатоците, но тој остануваше глув на тоа. Додека во светот масовно се преземаат цела серија мерки за безбеден туризам, кај нас не се ни разгледуваат -нагласи Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи и придружници на Македонија.

Како недостатоци, за Скопје тој го наведе нефункционирањето на информативните пунктови кои сега фаќаат прашина, недостаток на јавни тоалети, но и аудио опрема за водење на туристите со слушалки, за да не мора тие да се туркаат и собираат на едно место.

– Толку пари се трошат од буџетот, а туризмот воопшто не се есапи – дециден е Босилков.    

Инаку, како што информираше тој, минатата година, заради пандемијата, кога луѓето не можеа да излегуваат од своите земји, посетеноста од туристи била минимална, никој или најмногу двајца, до петмина туристи.

– Оваа година почна да живнува, односно посетеноста на Скопје сè уште е во рамка на 10 до 15 проценти од она што беше во 2019 година. Тоа се, пред сè, индивидуални туристи, ретко групи и тоа по некоја од Полска, од Србија, Бугарија  – вели Босилков.

Од Градот Скопје, пак, велат дека чистотата на плоштадот „Македонија“ и на спомениците во централното градско подрачје ја одржуваат јавните градски претпријатија.

– Самата состојба со таканаречените споменици и дел од содржините во централното градско подрачје, не е резултат на негрижата на Град Скопје и јавните претпријатија, туку е резултат на неквалитетното работење во минатото, што се гледа кај повеќето објекти, таканаречените споменици и фонтани кои беа дел од проектот „Скопје 2014“ – одговорија градските власти.

Тоа што сè уште не работи подната фонтана која беше оштетена од возило на ЈП „Комунална хигиена“, од Градот велат дека било утврдено оти има оштетување во системот на површинската фонтана и бил издаден налог на ЈП „Водовод и канализација“ да ги набават деловите, со што би се санирала истата.

– Град Скопје работи и инвестира во строгиот центар, со цел да го добие посакуваниот модерен и европски лик, во проекти како што се: паркот „Ибни Пајко“, преуредувањето на кејот „13 Ноември“, уредувањето на влезот во ГТЦ, изградбата на зелен покрив на ГТЦ и многу други – нагласија градските власти.

(А.П.)