Градските власти засукаа ракави, фрчат тендери пред избори

180

Со интензивни градежни активности за реконструкција на градските улици и булевари градските власти продолжуваат и оваа година, а почнатите постапки за изработка на проекти за посочените сообраќајници се дел од годинешните градски планови

 

По ветувањата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов дека ќе се реконструираат и изградат повеќе сообраќајници низ Скопје, градските власти ги засукаа ракавите и веќе започнаа со конкретни активности.

Склучен е договор за изработка на проекти за реконструкција на улицата „11 Октомври“ од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ до раскрсницата со улицата „Филип Втори Македонски“. Изработката на проектот му е доверена на  Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје со кој Градот склучи договор во вредност од 295.000 денари. Тој е должен да го изработи проектот во рок од 30 календарски денови.

Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии Скопје го доби и тендерот за изработка на проектот за реконструкцијата на булеварот „Осми Септември“ и тоа од булеварот „Илинден“ до улицата „Скупи“ во вкупна вреност од 348.572 денари со вклучен ДДВ. Тој е должен проектот да го направи во рок од 20 работни дена.

Исто така избран е изведувач за реконструкција и одржување на втората фаза од улицата „Индира Ганди“ во населбата Шуто Оризари. Тоа е „Гранит“ од Скопје со кое Градот склучи договор вреден 13.894.453,98 денари со вклучен ДДВ. Според јавната набавка, „Гранит“ е должен да ги изведе работите во рок од 50 календарски денови.

– Во текот на цела 2019 година, Град Скопје реализираше голема градежни офанзива за реконструкција на повеќе улици и булевари во градот, која кулминираше во летниот период. Екипите на Град Скопје во текот на изминатава година обновија 17 улици и булевари, во сите делови од градот. Градежните работи на сите реконструирани делници завршуваа во рекордно кратки рокови, а на пофреквентните сообраќајници се работеше и во вечерните часови за да не се создава сообраќаен метеж. Овие интензивни градежни активности за реконструкција на градските улици и булевари продолжуваат и оваа година, а почнатите постапки за изработка на проекти  за посочените сообраќајници се дел од овогодишните градски планови. Повеќе детали во врска со реконструкциите би биле познати по изработката на проектите – децидни се градските власти.

По примерот на градските власти, со поддршка од Министерството за финансии и Светска банка дел од клучни улици кои се крвоток во населбите Хиподром, Ќерамидница и Ченто ќе добијат нов лик. Во општина Гази Баба е пристигната техничката документација за реконструкција и изградба на патна инфраструктура во трите населени места.

– Проектот ќе се реализира со поддршка на Министерството за финансии и Светска банка, а ќе се работи на улица „515“, во Ќерамидница, а „Христофер Жефаровиќ“, во Синѓелиќ. Ќе се реконструираат и „Никола Киров Мајски”, „Пехчевска” и „Жан Жорес” во Хиподром, со што, оваа населба конечно по речиси 2 децении, ќе претставува една инфраструктурна целина и ќе ги поврзе новиот и стариот дел – вели градоначалникот Борис Георгиевски.

Тој додава дека е среќен што конечно новата населба Хиподром 2 ќе се поврзе со останатиот дел од населбата Хиподром 1 и што побргу ќе се приклучуваат до центарот на градот, проблем кој тлееше 16 години.

(А.П.)