Градска компостара во секоја општина која ќе произведува органско ѓубриво

971

Со компостари во секоја општина, каде населението и чинителите од бизнис заедницата ќе го одлагаат градинарскиот и отпадот од храна, а од него наместо да загадува, ќе се креира компост, Македонија може драстично да ги намали емисиите на стакленички гасови кои ги произведуваме. Ваквата идеја потекна од Мој Град од каде бараат поддршка од граѓаните за градски компостари да станат реалност во Град Скопје, но и во секоја општина низ државата.

– Дури третина од целокупно произведената храна завршува во отпад. Ако на ова ја додадеме и огромната количина на градинарски отпад кој се креира од парковите и дворовите, ни станува јасно како биоотпадот претставува над 70% од вкупно произведениот. Кога овој отпад неправилно се разлага, ослободува стакленички гасови кои директно влијаат на климатските промени и на загадувањето – вели Наталија Бургиева од Мој Град.

Според неа, прибирањето на биоотпадот и негово компостирање драстично ќе ги намали емисиите на стакленички гасови кои ги произведуваме, директно ќе влијае на трошоците за транспорт на овој отпад кои ги прави Скопје, а и низ градот ќе имаме празни контејнери и чиста околина.

Советничката во Град Скопје и долгогодишен екоактивист, Драгана Велковска појаснува дека урбаните компостари се затворен автоматизиран процес на преработка на биоотпадот и како краен продукт произведуваат органско ѓубриво.

– Според конзервативни статистики, околу 60% од вкупниот комунален отпад е биоотпад. Знаете ли што значи тоа од аспект на наши пари за депонирање, од аспект на загадување предизвикано од самозапалување, од неправилно разградување итн. Урбаните компостари се технологија што ќе ни помогне да дојдеме многу поблиску до целта – нула отпад, вели таа.

Велковска потсетува дека првпат на Град Скопје овој проект им е предложен по одржувањето на Граѓанскиот буџетски форум во 2020 година и не го прифатија.

– Сега се обидуваме пак. Општина Пробиштип веќе има две вакви компостари. Град Скопје нема ниедна. Време е тоа да се смени – констатира таа.

Од Зелен хуман град сметат дека ако сите граѓани имаат каде да го одлагаат органскиот отпад, вкупниот отпад може да се намали за 60 до 80 проценти.

– Тоа значи многу помалку отпад во депониите, многу помалку запалени депонии, а со тоа и многу почист воздух – велат од Зелен хуман град.

За Дијана Томик, станува збор за одлична идеја која ако биде добро организирана, ќе донесе бенефит за сите.

– Претходно ќе треба добра едукација, инаку дополнително ќе го замирисаме градот. Многу битни се крајните потрошувачи на компостот. Дали имаме доволно произведувачи (земјоделци) кои тоа навистина ќе го употребат? Мораме напорно да работиме за вакви пресврти – констатира таа.

Наталија Бургиева вели дека иновативни анаеробни компостари имаат затворен систем и не се ослободуваат никакви мириси.

– Компостот освен во земјоделието, може да се употребува и за наѓубрување на јавни урбани површини (паркови, скверови, кровни и урбани градини и др.). Има безброј можности, недостасува волја од институциите и на тоа работиме – вели Бургиева.

Вики Даскаловска нагласува дека со правилна селекција на овој отпад сите победуваат.

– Нема да се контаминира дополнително останатиот отпад, ќе се користи секако компостот во земјоделието и цвеќарството, само бенефиции. Но, не заборавајте за вакво нешто мора да се едуцира населението, инаку само ќе се направи дополнителен проблем. Погрешното селектирање во нашава држава е исто толку лошо колку и неселектирањето, затоа што повторно сè ќе заврши заедно на исто буниште – изјави Даскаловска.

Владимир Вуксановиќ од „Органика Нова“, единствена регистрирана фарма на калифорниски црви (за компост/кастинг) вели дека може да понуди искуство и добра повеќедецениска пракса.

– Компостирањето го шириме низ Македонија повеќе од 20 година. Целта ни е што повеќе фарми на калифорниски црви, а со тоа и систем од деградирање на шталско ѓубриво, а како излез е природно ѓубриво, биостимулатор и подобрувач на почва. Истиот процес може да се примени и со биоотпадот, вели тој.

(С. Бл.)