Градската каса догодина е полесна, на располагање над 7 милијарди денари

207

Градските власт во 2023 година ќе имаат на располагање буџет кој ќе биде за 1,9 проценти помал од оној во 2022 година. Приложениот предлог буџет за 2023 година кој советниците конечно го добија, а е ставен на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи во вторник.

Така, во градската каса за наредната година, Град Скопје ќе има на располагање вкупно 7.094.386.000 денари.  При тоа, основниот буџет ќе биде во износ од 4.450.000.000, додека буџетот на дотации ќе биде во износ од 2.110.558.000 денари. Буџетот на самофинансирачки активности изнесува 336.587.000 денари, додека буџетот на донации е во износ од 150.741..000 денари. Од вкупно планираните донации, се планира да се обезбедат директни донации за Град Скопје во износ од 20 милиони денари, а остатокот се донации на институците во надлежност на Град Скопје. Инаку, буџетот за заеми изнесува 46.500.000 денари. 

Како што се наведува во образложението на предлог-буџетот, даночните приходи се во износ од 3.507.000,000, додека неданочни изнесуваат 585.487,000 денари. Капитални приходи се во вредност од  296.500.000, а трансферите се во износ од 149.100.000 денари. Воедно, вишокот на приходи од мината година се во износ од 248.500.000 денари.

При тоа, најголемиот дел од приходите и приливите во Буџетот на Град Скопје за 2023 година се планира да се обезбедат од наплата на даночните приходи (49%), и приливите по основ на дотации (30%). Останатите приходи и приливи се со помал процент.

Даночните приходи претставуваат најзначаен дел од сопствените приходи на градот. Така, данок на доход, данок од добивка и данок од капитална добивка се во износ од 40.000.000 денари.

Во вкупните даночни приходи надоместокот за уредување на градежно земјиште се планира да учествува со 47%, данокот на промет на недвижности и права со 17%, данокот на имот на физички лица со 10,7% како и од комуналните такси за користење и одржување на јавно осветлување со 7% од вкупните даночни приходи. Останатите даночни приходи имаат помал процент на учество.

Што се однесува до неданочни приходи кои градот планира да ги обезбеди во 2023 година, тие се во износ од 585 милиони денари. Овие приходи главно се обезбедуваат во основниот буџет на Град Скопјеи буџетот на самофинансирачки активности (буџет на средните училишта и културните институции во надлежност на градот).

Расходите кои се предлагаат за 2023 година се во вкупени износ од 7 милијарди денари од кои за плати и надоместоци се предвидени за 2.046.459,000 денари.  Според пресметките на  Зелен Хуман Град кои направија и визуелизација на буџетот, најмногу од буџетот или 38,25 проценти се издвоени за комунални дејности, па потоа доаѓа образованието со 30,89 проценти, а на трето место доаѓа градската администрација за која се издвоени 14,49 проценти од градскиот буџет.

Претседателот на Советот на Град Скопје, и поранешен министер за финансии, Трајко Славески вели дека од формална гледна точка предлог-Буџетот на град Скопје за 2023 година е подготвен согласно законската регулатива и насоките дадени од страна на Министерство за финансии до единиците на локалната самоуправа. Но, тој додава дека сепак може да се набројат неколку суштински забелешки: меѓу кои дека самата подготовка на предлог-буџетот се одвивала крајно нетранспарентно.

– Во неколку наврати во изминатиот месец и половина јавно укажував и повикував за поголема информираност и вклученост на членовите на Совет на град Скопје во процесот на изготвување на овој значаен документ. За тоа колку беше информирана јавноста во процесот (за пошироки консултации не станува ниту збор), просудете самите – дециден е тој.

Негова втора забелешка е тоа што членовите на Совет го добиле предлог-буџетот на 11 декември и веднаш забележале дека недостасува и побарале да се достави стандрадната табела со ставки и подставки за одделните проекти, за да имат појасен увид за приоритетите предвидени со буџетот на град Скопје за наредната година, што било практика во изминатите години.

– За ова и писмено се обратив до градоначалникот Арсовска. До овој момент немам одговор на тоа барање од советниците – нагласи Славески.

Тој како трета забелшка наведе дека предлог-Програмите за наредната година, врз основа на која се темели подготовката на буџетот, наместо да бидат доставени во последен момент од истекот на рокот од седум дена за закажување на седницата на Совет на град Скопје, предвидена за 27 декември, требаше да им се дадат на увид на советниците уште во текот на ноември, како што тоа го имаат направено повеќе градоначалници во земјата.

И покрај сите овие недоследности, Славески е убеден дека членовите на Советот низ една конструктивна расправа ќе го донесат буџетот на град Скопје за 2023 година во предвидениот законски рок.

– Од страна на градоначалникот и службите на градот очекувам да се изјаснат позитивно по некои од предложените амандмани од страна на советниците кои ќе бидат во насока на проекти од интерес на граѓаните на Скопје, а се со висок приоритет и биле пропуштени во предлог-Буџетот – заклучи Славески.

(А.П.)