Градот предвреме ги обра преспанските јаболка, родот 100% уништен

Стручни комисии ќе вршат проценки од невремето и ќе утврдат за колкави штети станува збор. Општината Ресен  ќе отвори жиро-сметка за донации за оштетените, како и телефонски број за пријавување на проблеми од природна непогода

988

Невремето и силниот град предизвикаа огромни штети на јаболковите насади во реонот на Долна Преспа. Штетите се огромни и речиси 100 % е уништен родот на јаболката, но зафатени се и оревите и сезонското овошје. Пустош  на овошните насади има во должина од 10 километри, бидејќи покрај плодот оштетении се и дрвјата.

Невремето направи огромни штети на овошните насади во селата Крани, Штрбово, Наколец, Љубојно и Долно Дупени. Очевидците велат дека на дрвјата не само што го нема родот, нема ниту лисја, а и голем дел од гранките се уништени.

Годинава ќе биде многу тешка за овие земјоделци на кои јаболката им се единствен приход. Тие и досега имаа мака со пласманот на јаболката, откупната цена, како и со навремено примање на субвенциите,а сега ќе чекаат обесштетување од државата. Оние кои ги имаат осигурено овоштарниците ќе чекаат обесштетување и од осигурителните куќи.

Граѓаните кои живеат во овој регион велат дека штетите се огромни и дека на одредени стебла нема ниту лист, ниту род, сѐ е уништено. Токму поради овие состојби, тие бараат од локалната власт и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопаство да им помогне за полесно да се надминат загубите од родот со интервентно исплаќање на субвенциите за предадено индустриско јаболко.

Градот направил површина од 30 см целата покриена со мраз, при што ги уништил речиси сите овошни насади во селото Крани, Штрбово, Наколец, дел од Сливница, дел од Долно Дупени, Брајчино и Љубојно.

Новиот министер за земјоделство Трајан Димковски, веднаш направи обиколка на регионот зафатен од невремето за да може да се направи реална проценка за штетите. Во проценката  се вклучени и неколку стручни комисии, бидејќи градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски ги информирал советниците за состојбата на терен и врз основа на тоа го овластил да се формира стручна комисија. Нејзина цел е да  вршат проценки и редовно да го информираат Советот во врска со настанатата штета.

Истовремено советниците донеле одлука да се обезбедат средства од општинскиот Буџет, за помош за основните потреби на населението, како вода, средства за хигиена, гориво за екипите на терен и слично.

Согласно одлуката на Советот треба да се објави јавен повик за пријавување на штетите од природна непогода, како и  Општината Ресен  да отвори жиро сметка за донации за оштетените. Исто така да се определи телефонски број и лице за контакт за пријавување на проблеми од природна непогода.

За министерот Димковски ова што се случи во Преспа е елементарна непогода бидејќи покрај штетите во овоштарниците има штети и на објекти.

– Екипите прават проценка на штетите не само на приносите кај јаболката туку и врз самите дрвја – кажа Димовски и појасни дека за штетите треба да се подготват  елаборати што ќе бидат доставени до владината комисија.

Министерот укажа дека секоја година во Преспанскиот Регион се повторуваат вакви временски непогоди, токму поради тоа во Програмата за рурален развој интервенираме да имаме влијание врз ваквите климатски промени.

(В.Ма.)