Градот на виното и ракијата наликува на големо градилиште

51

Во тек е интензивна комунална изградба во општина Кавадарци, се изведуваат работи на повеќе локации, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

– Општината и Јавната установа детска градинка реализираат проекти за проширување на капацитетите на два објекти. Се доградуваат простории на објектот „Детелинка“ кај ООУ „Тошо Велков-Пепето“, а се доградува и на објектот „Снежана“ кај старата Ваташка градинка. Во напорите за зголемување на опфатот на децата од предшколска возраст, општината изврши адаптација на објектот на новото училиште во село Марена, кое сега ќе има функција на градинка за децата од ова село – соопштија од градоначалничкиот кабинет.

Продолжува изградбата на кејот во селото Ваташа, а во поодмината фаза е покривањето на делница од поројницата Желков дол и изградбата на пристапни скали и шеталиште во должина од 80 метри меѓу улиците „Страшо Пинџур“ и „4 Мај“.
Општината спроведува и реализација на проект за изградба на „Зелен пазар“ во новиот центар, на локацијата кај „Судската палата“, на булеварот „Никола Минчев“.

– Меѓу поголемите комунални зафати е и реконструкцијата на атмосферската канализација на улицата „Тиквешко востание“ и на плоштадот. Се работи и на поставување на фекална и атмосферска канализација на улицата „8 Септември“ кај ВВ „Тиквеш“ и плацот на „Градба промет“ – соопштија од кабинетот на Јанчев.

Во активностите на комуналната изградба општината преку ЈП „Комуналец“ работи на реконструкција на водоводната мрежа на крак од улицата „Глигор Прличев“ над стрелиштето, потоа на преместување и дислокација на водоводна линија преку коритото на реката Луда Мара кај пешачкиот мост до паркчето во село Ваташа, како и на поставување на нова пумпна станица за санитарна вода за селото Бојанчиште.

Во фаза на реализација е и проектот за реконструкција на салата „Партизан“ каде се поставува нова ПВЦ столарија, врати и прозорци на делот од соблекувалните и службените простории на јужната страна од објектот. Општината во соработка со „Хабитат“ и станарите од зградата еден кај Агенцијата за вработување го реализира проектот за реновирање со изработка на термо фасада, ПВЦ столарија како и реконструкција на покривот.

– Започна и реализацијата на сообраќајниот проект за целосна реконструкција на инсталацијата и уредите на семафорите. Ќе бидат целосно обновени семафорите на раскрсниците кај Домот на културата, „старата автобуска“ и кај основното училиште „Гоце Делчев“. ​Се работи и на уредување на жардинериите пред хотелот, во рамките на реконструкцијата на градскиот плоштад – велат од општина Кавадарци.