Градоначалниците во заминување ветуваа стоп за градењето, а Скопје го направија бетонска џунгла

284

Скопските општини го затвораат секој слободен агол со нова станбена зграда. Во последниве години се изградија многу згради, скопјани се бунтуваат против градежната експанзија, а кандидатите за градоначалниците пред првиот круг од локалниве избори ветуваа стопирање на градењето. Тоа беше мамка за гласачите за да гласаат за најгласните кои ветуваа дека ќе се фатат во костец со урбаната мафија.

Вака ветуваа и градоначалниците на скопските општини кои се во заминување, на почетокот на нивниот мандат пред 4 години. Но, граѓаните немаат чувство дека е стопирано градењето во нивниот мандат, а статистиката исто така покажува дека се изградиле нови илјадници станови.

Од О2 Иницијатива направиле табела за скопските градоначалници на заминување, кој колку одобренија за градење издал во својот мандат од ноември 2017 и заклучно со август 2021 година, за колку станови и со колкава вкупна површина.

Според нивната статистика, неприкосновен шампион е градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, кој издал само 197 одобренија за градење на згради со вкупно 4.739 станови со вкупна корисна површина од 257.341 квадратни метри.

По него е Борис Георгиевски од Гази Баба кој издал 497 одобренија за градење со 3.105 станови и со вкупна површина од 201.603 квадрати. Георгиевски е прв по број на станови за еден месец, во август годинава издал 25 одобренија за градење за 1.285 стана со 79.279 квадратни метри.

Потоа следи Саша Богдановиќ од Центар со 2.150 стана, со вкупно 155.054 квадрати. А по него е Стефан Богоев од Карпош кој издал 315 одобренија за градење згради со 1.422 станови со вкупна површина од 104.653 квадрати. Градежна експанзија е забележана и во Бутел. Градоначалникот Велимир Смилевски во својот мандат издал 414 одобренија за згради со 902 станови и со вкупна површина од 82.146 квадрати.

Од податоците на О2 Иницијатива се гледа дека Сарај станува нов градежен рај. Градоначалникот Блерим Беџети издал 118 одобренија за згради со 434 станови со вкупна површина од 44.745 квадрати.

Во овој период на територија на град Скопје издадени се 2.354 одобренија за градење, за 14.451 станови со вкупна површина од 950.814 квадратни метри. Ако во овие 14.451 нов стан се вселат по четири лица, тоа значи дека Скопје ќе добие 57.804 нови жители. За споредба, во зградите во населбата Ново Лисиче има вкупно 17.200 жители.

– Цели градови да се населат и се продолжува со исто темпо. На ваквото урбано дивеење кое трае веќе подолго време мора да му се стави крај – велат од О2 Иницијатива.

Скопјани велат дека последиците од измена на Деталните урбанистички планови, прогласување на слободно државно земјиште за градежно, сега се согледуваат, а градежната експанзија загрижува и поради состојбите со воздухот во зимскиот период.

(С.Бл.)