Градоначалник во Италија поднесе оставка, се вакцинирал преку ред

25

Градоначалникот на сицилијанскиот град Корлеоне денес објави дека дава оставка откако преку ред се вакцинирал против Ковид-19, а полицијата отвори истрага.

„Поминав непроспиена ноќ размислувајќи за својата одлука и заклучив дека ќе биде правилно да се повлечам, и покрај тоа што бев вакциниран како еден од општинските советници“, изјави за италијанската агенција АНСА, Николо Николоси (78).

Корлеоне е мал град во близина на Палермо, историско упориште на мафијата чие име се поврзува со митската сага раскажана во филмот „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола.

Италијанските медиуми вчера објавија дека полицијата го испитува градоначалникот и другите членови на градскиот совет и дека случајот е пријавен во локалното обвинителство.

На официјалната страница на „Фејсбук“ на Градот Корлеоне беше потврдено дека Николоси примил две дози вакцина уште во јануари, иако тој не бил во приоритетната група.

Италија ја започна својата кампања за вакцинација кон крајот на декември, резервирајќи ги првите дози за здравствените работници и луѓето постари од 80 години.

Но, Николоси тврди дека на локалните политичари како него им е потребна итна заштита од вирусот, исто како и на здравствените работници.

„Градоначалникот беше вакциниран свесно, за да спречи потенцијален контакт со вирусот што може да го спречи да ги извршува своите должности среде борбата против вирусот“, пишува на страницата на Градот Корлеоне.

Досега во Италија од вкупно 60 милиони луѓе, 1,6 милиони ги примиле двете дози, соопшти локалното Министерство за здравство.

Од коронавирусот во Италија починаа скоро 100.000 луѓе.