Градоначалникот тврди: Во Охридскиот заштитен појас има само десетина дивоградби, друго се скали, огради, тенди…

188

 Георгиевски во однос на справувањето со дивоградбите во Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО, вели дека ништо нема да се случи преку ноќ. Тој очекува дека по ова прашање ќе добие и помош од државата. Има распишан тендер за отстранување на бесправно изградени објекти, но дел од објектите во центар и старо градско јадоро ќе се отстрануваат од државата. Општината не е способна да се справи сама со овој проблем и 1,5 милиони денари тендер за рушење на дивоградби

 

“Од сите 409 предмети кои се во заштитниот појас има тука и скали, настрешница, ограда, не се сите објекти. Според мое мислење нема повеќе од 10 објекти кои се дивоградби и прво тие ќе се отстрануваат“, истакнал градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на  прес конференција. Како што пренесува Охридпрес, Георгиевски во однос на справувањето со дивоградбите во Охридскиот регион кој е под заштита на УНЕСКО, вели дека ништо нема да се случи преку ноќ. Тој истакнал дека одговорност ќе има за сите, отстапки за никого. Регистарот на дивоградби е изготвен, сега следи евалуација на влијанието врз животната средина на тие објекти кои се во заштитен појас, нешто што го бара УНЕСКО. Тој очекува дека по ова прашање ќе добие и помош од државата.

“Има распишан тендер за отстранување на бесправно изградени објекти, но дел од објектите во центар и старо градско јадоро ќе се отстрануваат од државата. Општината не е способна да се справи сама со овој проблем и 1,5 милиони денари тендер за рушење на дивоградби. Ова е проблем кој ја засега и државата и треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите кои години наназад се извадени од колосек. НП „Галичица“ сега прави посебен регистар за нивниот дел кој ќе ни го достават, ќе ги преклопиме со нашите и ќе има уште еден филтер на тие податоци“, потенцирал градоначалникот.

Дивоградбите всушност и беа главна причина Охрид да добие жолт картон и препорака да биде ставен на листата на загрозено културно наследство. Сепак владината делегацијаво Баку, на 43. Сесија на Комитетот на УНЕСКО за културно наследство, на која учествуваше и градоначалникот успеа да издејствува рок до февруари 2020 за исполнување на препораките.

Градоначалникот Георгиески, како што пренесува Охридпрес, исто така посочил и дека до февруари треба да се достави извештај за напредок по препораките, за што е клучна е изработката на План за управување со охридско-струшкиот регион.

“Ќе се продолжи со исполнување на препораките дадени од УНЕСКО, досегашниот напредок и преземените чекори беа поздравени од Комисијата“, рече Георгиески.

До февруари 2020 година треба да се достави извештај за напредок по препораките, а на 44-та сесија во јули да се разгледува едногодишниот напредок по спроведување на забелешките. Сепак, Георгиески додаде дека УНЕСКО не бара од сите препораки да бидат завршени до февруари.

Според Георгиески целиот проблем е во законот за легализација. Тој додава дека проблем направила државата кога носела ист закон и за Охрид и за некои од помалите градови во земјава.

“Охрид требало да се третира со посебен закон и за легализација и за се останато“, смета Георгиески.